На 28 октомври завршува летното сметање на времето, кога стрелките на часовниците се поместуваат еден час наназад, така што три часот по полноќ ќе се смета како два часот.
Во земјите во северна Европа, во 1916 година за прв пат е забележан преминот од летно кон зимско, а истиот досега е воведено во околу 70 држави, претежно на северната хемисфера.
Во западна Европа, поместувањето на стрелките е воведено на почетокот на ’70-те години од минатиот век, со образложение дека со тоа се продолжува денот, се овозможува заштеда на потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден е поефикасен.
Од 2002 годна, Европската Унија и останатите земји во Европа одредија летното време да почнува последната недела од март и да завршува последната недела од октомври.
Поместувањето на времето во повеќето случаи се врши ноќта меѓу сабота и недела, со цел да не предизвика поголеми проблеми за работното население.
Исланд е единствената европска земја, која не го воведе зимското и летното сметање на времето.
Од 2007 Американците го сменија начинот на кој го сметаат времето, односно почетокот и крајот на летното сметање на времето, така што сега тие ги менуваат часовниците вториот викенд од март и првиот викенд во ноември.
На јужната хемисфера почетокот и крајот на летното време е спротивен во однос на северната. Повеќето од земјите на екваторијалниот појас воопшто не го менуваат времето, бидејќи таму и не се чувствува многу промената на должината на денот и ноќта во текот на годината.