Со настап на Ансамблот на народни инструменти и песни „Стевче Стојковски“ од Скопје и пејачката група „Меџидија“, синоќа во Вевчани заврши петтиот Фестивал на народна култура „Пображење“.
Фестивалот, според професорката Велика Стојкова-Серафимовска, етно музиколог во Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, е многу значаен, бидејќи публиката може да види изворен фолклор од западна Македонија, кој се негува и е жив.
– Значи генералната оценка е одлична. Ова е единствен ваков фестивал во овие краишта, каде може да видиме изворен фолклор. Паралелен на овој во Источна Македонија е „Тодорица“, каде се прикажува изворен фолклор од источните краеви, што би дошло како противтежа на овој, изјави Стојкова-Серафимовска.
Изрази задоволство за ентузијазмот со кој работат културно уметничките друштва, но и интересот кај младите да го зачуваат културнито наследство во Македонија.
Ликовниот уметник Боро Арсовски, кој направи уметничко дело инспирирано од фолклорот и традицијата во Вевчани, посочи дека Вевчани е место за инспирација и оти Фестивалот е одлична можност за прикажување на фолклорот и традицијата.
Фестивалот „Пображење“ почна на 17 овој месец со дефиле на учесниците низ Вевчанските улици. На трите фестивалски денови настапија 15 групи со над 400 уметници од земјава и странство, кои ги презентираа фолклорот, традицијата и обичаите од својот регион и држава.