Парите не се проблем?! Нема пари!

Од:

Парите не се проблем?! Нема пари! Оваа урбана балканска митологија деновиве како да добива на значење, иако во последните десет години беше присутна во бизнис заедницата кога одредени поединци сакаа да го покријат својот менталитет на неплаќање на своите сметки со виц, а впрочем сакаа да кажат „имам брат јас пари сите да ве купам, ама така ми чини, не плаќам”.

Е, ама изгледа со секој нов ден доаѓаме до сознанието дека и големите „фраери” немаат пари на сметките на своите фирми и дека со секој нов ден тонат во бездната со спирален вртеж наречена „долг врз долг” што е еднакво пропорционално на пропаст-и тоа набргу.

Внатрешната задолженост достигнува мега-размери и со секое ново задолжување помеѓу правните субјекти, но и физичките лица, се зголемува до рамки кои наскоро ќе бидат способни да ја стегнат економијата до состојба на парализа.

Слушаме за 114 000 блокирани сметки на правни лица, што е некаде околу 60 проценти од бројот на фирмите што постојат во Република Македонија.

За надворешниот долг секојдневно се маваат позицијата и опозицијата, овие земале 250 милиони долг во интерес на државата, овие пак кој ќе ги враќа парите, демек кога ќе се врателе на власт требало тие да ги враќаат.

Во превод, дупло голо! А парите во секој случај некој ќе мора да ги врати! И впрочем најдобро го знаат оние кои работат во приватниот сектор, тие секој ден имаат главоболки и борба со времето како да ги уплатат давачките, обврските и платите! Единствено новата каста на „заштитени животни”, државната и јавна администрација, сеуште не го чуствуваат притисокот но и таму наскоро ќе заигра мечка, првиот момент кога државата не ќе може да најде пари да им ги исплати платите од тековниот месец.

„А пара нема” што би рекла Тијана Дапчевиќ. Еве на пример:по некои неофицијални податоци државата им должи на приватните стопанственици околу 50 милиони евра за поврат на ДДВ, потоа во социјалната сфера, парите за трето дете не се исплатени уште од Нова година, па неисплатени давачки за дополнителна работа во полицијата и во војската и може да редиме во недоглед и да стигнеме до убава цифра и тоа во милиони евра.

И сега би требало да упатам канонада на обвинувања кон Грујо и неговата екипа од „стариот бран”, дека ја упрскале работата и дека така не се води држава, дека потрошиле еден тон пари во Скопје 2014, дека со тие пари можеле да покријат стотици дупки во буџетот и така натаму.

Алооооо! Момент! Во оваа држава имаше избори само пред година дена и тоа на барање на опозицијата! И што се случи?! Народот си го изгласа повторно Грујо, му даде легитимација да си ја води својата држава уште 4 години и да си ја реализира својата идеја и партиска програма во која многу разбирливо има напишано кај ќе ги троши парите. Значи, тука ситуацијата е јасна ко бел ден у август у 13 часот! Темата на денешнава колумна е дека пари нема, и ќе нема и евентуално кај да најдеме пари!

Така, аргументацијата околу трошењето ќе им ја оставам на Бранко и СДСМ, впрочем еве им пак шанса да го докажат она што го тврдат на локалните избори за само една година! Впрочем ако Грујо ги троши моите пари што ги плаќам во даноци, и Бранко ги троши, можеби токму мојот персонален данок од минатата година влегол во неговата претседателска пензија од солидни 80 000 денари.

Нејсе, идејата ми е дека пари нема, и пак ќе повторам а и ќе нема, а длабоко не верувам дека ќе ни ги донесе Карлос Слабичкиов од Мексико, шеикот од Катар или овие братучедиве на Амди Бајрам од Индија кај што беше премиерот на обиколка! Чаре?! Секогаш има чаре, ама што би рекол еден француски филозоф, се зависи од тоа колку глупо ти изгледа чарето!

Владата се фати за младиве претприемачи, демек ќе потикне некој од нив да измисли нова „спајалица” и да развие светски достоен бизнис! Идејата сама по себе не е глупа, ама е многу долга за реализација! Додека го дочекаме да напраи пара момокот, и од неа да види аир државата отидовме јабана, а нас ЕУ нема да не вади ко што ги вади Грците! Пробаа и со казни, демек да ни ги извадат парите од под перница, па да ги платиме казните и да го наполниме буџетот, ама и тука математиката не функционира најдобро.

Не можеш повеќе од 50 милиони евра годишно да собереш од Македонија па тоа ти е, природен закон! Луѓето имаат двеста евра плата, два милиона се и фаќаат врски, а впрочем и веќе 6 година им е со казни, фирмите се лесни ко салфетка! Значи пари ќе нема отсега, па понатака и така натаму! На македонската економија црно и се пишува и тоа со мастило! (колумнава намерно ја пишувам разбирливо и едноставно, без џдп-ја и проценти на инфлација).

Е сега, кај да најдеме пари! Вие дома, ќе се зајмите по банки, по пријатели, ќе штедите, ќе одите со автобус, ќе правите се што може да ви остане некој денар повеќе за да преживеете!Но во ваше име Владата ќе се задолжи, фактурите пак нема да ви ги платат, обврските ќе стигаат и пак ќе нема пари!

Нас ни треба кеш, многу кеш! Како да го најдеме кешот во оваа ситуација! Во моментов, пак вадејќи се на францускиот филозоф две идеи ми паѓаат на ум како би можеле да се извадиме од овој маѓепсан круг за да не завршиме како Грција, со една забелешка што треба да ја знаете, а тоа е дека Грците многу ретко, скоро никогаш не си ги ставале под хипотека своите станови и куќи, и своите автомобили!А вие, имате нешто под хипотека?!

Првата е идејата на Путин, и на нашиот прв даночник Горан Трајковски! Да се вратат сите пари кои се излезени(читај украдени) од Македонија во изминатите дваесет години и на нив да се плати еднократен персонален данок, и тоа да се случи без кривична одговорност!Во превод ДАНОЧНА АМНЕСТИЈА.

Ако можевме да амнестираме убијци, мачители и силувачи по конфликтот, можеме и лопови, додуша крупни, ама лопови! Нека ги вратат милионите во Македонија, нека ги стават тука во банка, нека платат еднократен данок и нека шибаат со бизнис, додека уште може! После во ЕУ таква работа не е дозволена! Така ќе имаме кеш инекција, и тоа со наши пари.

Втората идеја со кешот е поврзана со првата. Во истиот момент на даночната амнестија да се дозволи изградба на фабрики во слободните економски зони и тоа на наши домашни инвеститори, со што ќе можат повторно да го вложат кешот кој ќе го донесат по повластени услови, на принципот:само 6 месеци за инвестиција, после тоа важат старите правила за странски инвеститори.

Така ќе се намали невработеноста и ќе влезе капитал кој сега лежи по странски банки. Сами на себе да си помогнеме! Инаку, ќе има и полошо! Пари ќе нема, бизнисите ќе пропаѓаат, задолжувањата ќе растат до несразмерни граници!

Има и трета варијанта, ама може некој навистина да помисли дека е остварлива! Грците и онака непринципиелно не „дупат у здрав мозок” за името со небулозни барања! Па ќе им речеме важи. Брат за брат, сирење за пари! Дајте сто милијарди евра, ќе ви го остаиме името, ќе си земеме ерга омнес Северна Македонија! Ама у кеш, у една транша! Кој ќе ви ги даде ич не ни е гајле! Може и да ги „заебеме”! И онака може ќе не изработат за без пари!

Оливер Ромевски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска