Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска објави оглас за давање под закуп на 5.670 хектари државно земјоделско земјиште.
Земјиштето кое се дава под закуп е во Струмица, Гевгелија, Делчево, Валандово, Пробиштип, Радовиш, Берово, Битола, Неготино, Крива Паланка, Штип, Крушево, Демир Хисар, Кичево, Охрид, Чаир, Кратово, Македонски Брод, Виница, Карпош, Гостивар и Тетово.
Право на учество имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност и да се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
На огласот можат да аплицираат и трговци поединци, но, услов е земјоделското производство или преработката на примарни земјоделски производи да им е главна дејност. Странските правни лица имаат право да учествуваат на јавниот оглас доколку имаат регистрирано фирми-подружници во Македонија.
Лицата кои ги немаат подмирено обврските по основ на закупнина за претходно склучени договори немаат право да учествуваат на огласот, исто како и правните лица за кои е отворена стечајна постапка. Законска можност да аплицираат за овој оглас немаат ниту непрофитните организации.