Бремените жени и хронично болните лица постари од 60 години, од денеска до вторник (28 јули) треба да се ослободени од работните обврски, препорача вчера Владата на предлог Министерството за здравство.
Како што соопшти Министерството за здравство, во истиот период се препорачува и работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот.
Препораките се донесени имајќи предвид дека подолг период државата е зафатена со повисоки температури, кои според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи ќе продолжат во претстојниот период до почетокот на следната недела.
– За граѓаните од целата држава важат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, носење светла и лесна облека, избегнување престој на отворено, консумирање лесна храна, термички обработена храна и повеќе течности (а да се избегнува консумирање на лесно расиплива храна), редовно одржување хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Оттаму посочуваат дека сите заинтересирани граѓани имаат можност да добијат здравствен совет и превентивни препораки за заштита од високи температури во рамки на здравствените пунктови поставени во сите градови во државата, секој ден од 18.30 до 21.30 часот, каде се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.
На територијата на град Скопје еден се наоѓа на пешачката патека кај реката Вардар и по два мобилни пункта се распоредени во сите скопски општини.
Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страницата www.
Според УХМР, дневната температура во Македонија денеска ќе достигне до 38 степени.