Во сабота со почеток во 18 часот се игра големото дерби на италијанската Серија А. Во Торино се среќаваат двата водечки клуба на табелата, шампионот Јувентус и Наполи.
И двете екипи во досегашниот тек на сезоната освоија по 19 бодови, што е за четири повеќе од Лацио и Интер. Јувентус и Наполи имаат по шест победи и само едно реми во досегашниот тек на сезоната.
Вчера вечер од торинскиот клуб стигнаа лоши вести во најавата за големото дерби. Црногорскиот интернационалец Мирко Вучиниќ од репрезентативниот собир се вратил со повишена температура и целосно физички исцрпен, па од Јувентус најавија дека тешко дека ќе закрепне целосно до саботниот дуел.
Ова е продолжение на лошите вести за „старата дама“ пред дербито затоа што за натпреварот е многу неизвесен и голманот Џиџи Буфон поради повреда на бедрениот мускул. Болки во рамото има стандардниот фудбалер од средината на теренот, Клаудио Маркисио, кај кој сепак има напредок во рехабилитацијата па можно е да „стисне заби“ и да настапи против Наполи.