Охриѓанецот Груев изумител на очила што ги откриваат клетките на тумурот

Од:

Прецизно отстранување само на заболените клетки од тумур и запазување на здравото ткиво овозможуваат специјалните очила, пронајдок на охриѓанецот Виктор Груев, доктор на науки и професор на Универзитетот „Вашингтон“ – Сент Луис, Мисури, САД.

Своето откритие Груев го презентираше пред студентите и заинтересираните граѓани во Универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде одржа предавање на тема:„Инспирација од природата за сензори (применливи) во хирургијата“.

Идејата за овој изум, според него, почнала пред две години додека работел на проект во кој ги анализирале очите на различни видови животни.

– Така дојдовме до сознание дека многу животни гледаат многу поразлично од нас. Гледаат многу повеќе бои и имаат многу подруги сетила, а сето тоа го применивме во создавање очила со сензори, чиј дизајн е заснован врз визуелни системи на животни и нивната примена во неврологијата и онкологијата, рече Груев.

Првиот сензор, појасни, бил дизајниран врз основа на визуелниот систем на раковите Мантис, а вториот на пеперутките Монарх.

– Видот на морското ракче и на пеперутката се разликува од човечкиот кој распознава три основни бои. За разлика од него, видот на овие живи суштества е многу покомплексен. Тие имаат сложени очи со нано ќелии и исклучитено чувствителни сензори за вид кои распознаваат шеснаесет различни спектри на бои, од сина до инфрацрвена, односно гледаат неколку милиони бои повеќе од нас, нагласи Груев.

Врз основа на тоа сознание тој пројавил интерес за функционирањето на тој визуелен систем, бидејќи, додаде, во други сфери како што е медицината да имаш камера со која можат да се видат други бои или дополнителни информации од светлината се клучни за дијагноза.

– Така почнавме со проектот како да се направи камера која на еден начин ќе изврши симулација на визуелниот систем на овие животни. Притоа размислував како да го примениме тоа во самата медицина. Соработував со хирурзи од различни области и осознавав за проблемите со кои се соочуваат. Еден од најголемите проблеми при операција на карцином е отстранувањето на сите заболени клетки без отстранување на здраво ткиво. Оваа техногија која е многу чувствителна треба да овозможи да се пронајдат клетките на канцерот и прецизно да се отстранат, без да се загрозат виталните органи и нервите, истакна професорот Груев.

Неговите очила претставуваат спој на технологијата за вид на пеперутките и очила за видео игри. Сензорите на очилата на кои работи охриѓанецот Груев можат да извршат детекција на различни видови бои, како и на поларизација на светлината.

– Спојот го направивме на мошне елегантен начин. Хирургот доволно е само да ги стави овие очила и да влезе во операционата сала, не зафаќаат многу место, а ефектот од нивното користење е голем, вели Груев.

Проектот, додаде тој, е во развој, а интерес пројавиле многу фондации од областа на медицината во САД и Европа, но и Кина и други држави. Потребно е да помине одредени процедури и ригорозни контроли на специјалните здравствени комисии.

Груев вети дека ќе продолжат со развивање на технологијата за нејзино проширување во други земји, меѓу кои и во Македонија.

Би можело да ве интересира

Доктори од Македонија завршиле медицина во Бугарија, но не смеат да работат во земјата оти се пишале Бугари

A1on

Развиена вештачка интелигенција која го открива ракот на дојката години пред да се развие

Ана Ололовска

Американски хирурзи успешно трансплантираа бубрег од свињa на човек

Ана Ололовска

Суперхероите од вистинскиот живот

Ана Ололовска

Белгиски научници направија крупен исчекор во борбата против ракот

Жарко Настоски

Почина педијатарот Кавасаки, кој откри ретка детска болест

А1он