Македонската кошаркарска репрезентација ја постигна третата победа во групата Ц на Европското првенство за играчи до 20 години Б дивизија што се игра во Унгарија. Синоќа беше совладана Швајцарија со73:63 (19:15; 17:15; 14:16 и 23:17) и со тоа нашите играчи само го потврдија првото место.
Македонија имаше постојано водство, а највисокото во првиот дел беше во 18.минута 36:23, додека Швајцарија двапати во третиот период изедначи на 40:40 и 46:46. Во финишот избраниците на селекторот Љупчо Малинков водеа и со 15 поени (73:58).
Натпреварот го одбележаа нашите центри Љубомир Младеновски и Филип Бакоч, кои имаа „дабл-дабл“ учинок: Младеновски 16 поени и 11 скокови, Бакоч 11 поени и 14 скокови, додека Адем Мекиќ постигна 15 поени.
На другиот натпревар од 3.коло во оваа група Белорусија ја победи Ерменија со 88:49 и со тоа го обезбеди второто место на табелата.
Македонија и Белорусија како две првопласирани селекции од оваа група продолжуваат да се натпреваруваат во рамките на групата Ф, заедно со Шведска и домаќинот Унгарија за пласман од 1-8 место.
Денеска за македонските кошаркари е слободен ден на првенството, утре од 18 часот ќе играат против домаќинот Унгарија, а в четврток противник ќе им биде Шведска. Двете првопласирани селекции од Ф групата ќе играат во полуфиналето со двете први репрезентации од групата Е, каде ќе играат: Финска, Холандија, Црна Гора и Луксембург.