Индонезиската економија наместо планираниот раст од 5,6 отсто, во првото полугодие оствари зголемување од 4,7 проценти.
Министерството за финансии и Централната банка на Индонезија соопштија дека нема причина за загриженост, но предупредија дека глобалните економски текови, а особено падот на вредноста на акциите во Азија и успорувањето на економскиот раст во Кина, можат да бидат причина планираната стапка на развој да се намали за еден процентен поен. За оваа 256 милионска држава, која лани оствари БДП од над 1.150 милијарди долари, ваквото намалување не е за потценување.
Експертите во Индонезија сметаат дека државата значително ќе биде поотпорна на негативни влијанија од опкружувањето ако се забрза остварувањето на тековните инвестиции во инфраструктурата и енергетскиот сектор, во кој земјата вложува над 260 милијард долари.
Во извештајот за економските резултати на Индонезија во првото полугодие на годинава, Светската банка и препорача на земјата да го задржи буџетскиот дефиццит на три отсто од БДП-то.
Владата веќе направи значително кастрење на државните субвенции со кои Индонезијците досега купуваа најевтино гориво во регионот. Годинава и во 2016 година од намалените субвенции за гориво во буџетот на Индонезија ќе останат на располагање повеќе од 70 милијарди долари.