Словачките државјани, кои како доброволци и платеници заминуваат да се борат во странски воени подрачја, по нивното враќање во татковината ќе бидат осудени на затворска казна од две до осум години.
Ваквите казни се предвидени со предлог-измените во Кривичниот закон, поднесени од словачкиот министер за внатрешни работи Роберт Калињак.
Словачка досега можеше да ги казни своите граѓани ако се борат за странска војска, но не и Словаците кои им се придружуваа на проруските сепаратисти во источниот дел на Украина, бидејќи не станува збор за единици на редовна војска, туку според словачките закони за вооружени групи.
Ако Владата и Парламентот во Братислава ги усвојат измените, тогач на словачките државјани ќе им биде забрането приклучување во паравоени групи на странска територија и вклучување во туѓа војна, без разлика дали за тоа се платени или се мотивирани од идеологија или вера.
Казна од две до осум години затвор им се заканува и на оние Словаци кои индиректно ќе ја поддржуваат туѓата војна, како на пример со регрутирање доброволци, со нејзино пропагирање и со финансирање или обука на словачки граѓани.