Регистрирани се првите 13 барања за азил во Македонија откако стапија на сила измените и дополнувањето на Законот за азил и привремена заштита. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), барањата се однесуваат на 17 лица од кои 13 возрасни и 4 деца, шест мажи и седум жени. Сите се од Сирија, на возраст од 19 до 57 години.
Заклучно со осум часот утрината, во изминатото деноноќие МВР издаде 992 нови потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил на странските државјани кои илегално влегуваат на нашата територија.
Вклучувајќи ги и овие, во периодот од 19.06.2015 до 03.07.2015 година, издадени се потврди на вкупно 7.386 странски државјани, од кои 5.786 од машки пол, 939 женски, 651 дете кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште десет деца на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија (4.863), Авганистан (698), Ирак (440), Пакистан (337), Сомалија (268), Конго (238) и Палестина (195), додека останатите се во помал број.
До 17 часот вчера, три мобилни екипи на Црвениот крст укажаа прва помош на околу 360 лица на железничките станици во Гевгелија и Табановце, околу 200 интервенции на лицата во Гевгелија и околу 120 интервенции на лицата во Табановце. Дистрибуирани се 360 шишиња вода и осум пакувања пелени на граничен премин и 54 шишиња на железничката станица во Гевгелија. Реализиран е транспорт на две деца и тројца возрасни до Oпштата болница во Гевгелија од каде, по укажаната помош се вратени на железничката станица.
Во текот на денот Министерството за здравство изврши дезинфекција во Куманово на 800 метри квадратни вагони и 100 метри квадратни чекална и перон, потоа дезинфекција на вагони Табановце од 400 метри квадратни, дезинфекција во Скопје на 800 метри квадратни вагони и дезинфекција во Гевгелија на 1.300 метри квадратни површина на железничката станица и автобуската станица.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за денеска се евидентирани вкупно 44 баратели на азил, од кои 28 мажи, 10 жени и 6 малолетни лица со придружба на старател. Од вкупниот број присутни, тројца се со повреди на долните екстремитети (двајци мажи и една жена), додека бремени и малолетни лица без придружба на старател нема.