Кај му се на Судот поткупот за кој се терети Заев и наредбите за примена на ПИ мерки?

Од:

Обвинението со кое лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се терети за примање поткуп при изградба на црква во Струмица, за одбраната е паушално, нецелосно и апсурдно. На денешната јавна расправа за оценка на обвинителниот акт, адвокатот на Заев, Филип Медарски им се обрати на судиите велејќи дека обвинението е тенденциозно со цел на опозицискиот лидер да му се стават на товар што е можно потешки квалификации.

Како што образложи одбраната не може да стане збор за поткуп од 160.000 евра затоа што сумата никаде не фигурира дека е предадена или дека е примена. Видео снимката која ја виде јавноста, или доказот околу кој се заснова обвинението, Медарски побара да биде отфрлен затоа што веќе бил јавно објавен со што е прекршена кривичната постапка. Освен тоа, посочи тој, не постои наредба за примена на посебните истражни мерки со кои е прибавена оваа снимка.

Обраќајќи му се на судот Медарски рече дека Заев се терети за две различни начини за извршување на едно кривично дело, затоа што во обвинителниот акт крвичното дело кое наводно го сторил е опишан со два различни става од член 357 на Кривичниот законик.

-Според одбраната ваквиот опис на обвинението е апсурдна правна конструкција. Очигледно при подигањето на вакво обвинение постои тенденција осомничениот да се терети со што е можно потешки правни квалификации. Не може паралелно осомничениот да се терети за двата става – посочи Медарски.

Според одбраната Заев не може да се терети за примање поткуп, затоа што не постои паричната сума или значителна имотна корист со која се стекнал. Станува збор за сума од 163.924 евра која, наводно, Заев се обидел да ја прибави од оштетениот. Во самиот обвинителтн акт, што Медарски го цитираше, стојат зборовите „се обиде да ја прибави“, поради што, како што поентираше адвокатот, не може да стане збор за примање поткуп.

Тој го нарече обвинението непрецизно и паушално во овој дел и посочи дека донацијата за изградба на црква не смее да се третира како обид за поткуп затоа што се работи за црква која е непрофитна организација и дека донацијата за нејзина изградба не може да има таков имотно-правен третман.

Одбраната побара од листата на докази да се издвојат оние кои се прибавени преку Посебни истражни мерки (ПИМ) затоа што веќе биле објавени на социјалната мрежа Youtube и поради тоа не можат да бидат дел од судската постапка. Доказите прибавени на незаконит начин, рече Медарски, не можат да се користат и на нив не може да се заснова судска одлка.

-Со самото објавување на доказите прибавени од ПИМ мерки грубо е повредено правото на приватност на осомничениот и не би смееле да се третираат како докази на кои би се засновала судската одлука – рече тој.

Дополнително посочи дека во обвинението не се приложени како докази наредбите врз основа на кои се спроведувале овие ПИМ мерки со што се добиени доказите.
-Во случајов без да бидат изведени наредбите врз основа на кои се спроведени ПИ мерки не постои можност судот да се увери дека истите се предвидени согласно постапката пропишана од ЗКП. Овие докази не смеат да бидат изведени во текот на постапката – рече тој.

Одбраната побара Советот да го отфрли обвинителниот акт како несонован, непрецизен и нејасен. Како што рече Медарски, делото што е предмет на обвинителниот акт не е кривично дело по законот и нема доволно докази во прилог на обвинението со кое се товари Заев.

Описот на делото е поведување постапка за одземање на корисчничко право на една парцела од градежното изградено земјиште на општината.

Како што образложи одбраната, градоначалникот на Општина Струмица воопшто нема надлежности да одлучува за ваква постапка, туку се работи за службени дејности кои се во надлежност на Министерството за финансии и на Управата за имотно правни работи. Овие две институции се надлежни за спроведување на ваква постапка.
-Заев како градоначалник нема надлежност за оваа постапка по ниту еден закон. Од ова произлегува дека согласно описот на обвиненеито не постои преземање на службено дејство што осомничениот не би смеел да го изврши во рамки на службените овластувања и затоа не може да стане збор за извршување на кривично дело – додаде тој.

Според одбраната обвинението пропушта да евидентира нешто што јасно произлегува од доказите, односно дека е законито извршена постапката за откуп на градежното земјиште, а за која наводно била договорена награда. Обвинението нема детектирано повреда во рамки на спроведување на постапаката пред надлежниот орган, Општина Струмица.

-А по завршување на постапката или за нејзино времтраење, никаква награда ниту е дадена на осомничениот, ниту постои донација за црквата. Од таму за какво примање на поткуп може да стане збор? – уште еднаш Медарски обрна внимание на тоа што во обвинението за поткуп, никаде не фигурира поткупот како доказ.

Според описот на обвинението Заев го сторил наведеното кривично дело во период од ноември 2013 година до моментот на покренување на обвинението, што е временски период од 19 месеци.

Наспорти аргументите на одбраната, обвинителите посочија дека доказите на кои се темели обвинението се прибавнеи на законски начин и дека се поделени во две групи: вербални докази и писмени докази.

По јавната расправа судскиот Совет за оценка на обвинителниот акт треба да донесе одлука дали ќе го врати обвинението како нецелосно на понатамошна истрага во јавното обвинителство, или ќе го проследи до надлежен судија во редовна судска постапка.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

СДСМ: Докажете или престанете да лажете за Филипче

Предраг Петровиќ

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

A1on

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Фирми на Мијалкови и на Трајче Заев должат четири милиони евра за ДДВ: Кои се најголеми должници на УЈП

A1on

Гаши ја потврди средбата со Заев

Ана Ололовска