На позицијата менаџмент и односи со јавност во новоотворениот Архелошки музеј е вработена, Лидија Илковска, имено сопруга на Јанко Илковски, ток шоу водителот на емисијата „Јади бурек“ која отворено покажува поддршка кон власта. Илковска е задолжена за промоцијата на музејот од почетокот на годинава, но вработени во Археолошки тврдат дека овој сектор во установата е целосно запoставен.
Во јавноста подолго време се шпекулира дека музејот се користи за партиски вработувања на поддржувачи од владејачката партија. Симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ е и директорката на музејот, Весела Честоева, која редовно присуствува на митинзите на партијата.
Таа демантира дека установата се злоупотребува за „згрижување“ на партиските членови и покрај отворените обвинувања од поранешни вработени.
– Демантирам дека приоритет при вработувања имаат партиски членови, конкурсот е јавен и на него секој има право да се пријави, а за тоа кој ќе биде вработен се цени од комисија за селекција на кандидатите врз основа на стручност и компетентност и на крај интервју со кандидатот – одговори Честоева за „А1он“.
Оние што имале прилика од внатре да се уверат како функционира музејот, велат дека единствените кои вистински работат се мал процент вработени кои не се таму по заслуга на партијата.
– Најубаво да си ја прашате директорката врз основа на кои критериуми вработува во музејот. Со исклучок на неколку луѓе, 90 посто од останатите се таму од партиски или лични приватни интереси – велат оние кои биле дел од колективот на Археолошки.
Пред извесно време во јавноста беше објавено писмо на поранешен водич во музејот и дипломиран археолог кој тврдеше дека добил отказ затоа што бил виден како протестира против Владата. Мартин Стефановски со ова писмо даде еден нов увид во работата на музејот и во наводната партиска узурпација. Тврдеше дека управата на музејот ги регрутира вработените да одат во кампот пред Собрание, да присуствуваат на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ, дека музејот е на раб на банкрот поради што со месеци доцни исплатата на плати и подмирувањето на месечните сметки.
Стефановски во своето протестно писмо го споменува и работното место кое го извршува Илковска.
„Посетеноста на музејот е минимална, по одвај четириесетина посетители секој ден. Маркетингот речиси и да не постои, сосем разбирливо кога ќе имате во предвид дека главно и одговорно лице за маркетингот на целиот музеј е една персона која со цел памет тврдеше дека во саркофагот изложен во Археолошки почивале и коските на Александар Македонски, та затоа и се нарекувал е тоа за Александров. Додуша нормално е тоа за нашево опшество бидејќи таа персона била вработена во нашиот археолошки музеј како заслуга за „патриотската борба“ на нејзиниот маж кој како главен и одговорен уредник во својата емисија носи стручњаци кои ни раскажуваат како бог ги создал Македонците во десетиот ден“, сведочи тој.
Инаку, споредено со сличните позиции во музејот, бруто плата на стручниот соработник за менаџмент и односи со јавност е околу 31.771 денари.
Иако постојат сомнежи за компетентноста на дел од вработените во музејот, директорката ги негира овие тврдења. Честоева исто така ги демантира тврдењата за регрутирање на вработените во партиските собири организирани од ВМРО-ДПМНЕ.
– Најостро го демантирам и од напред ги отфрлам шпекулациите кои излегоа во јавноста дека вработените биле принудувани да се појават на митинг на било која политичка партија. За конкретниот случај како и за сите останати кандидати кои конкурираа за таа работна позиција, посочената вработена ги исполни условите и барањата од огласот, по кој за изборот пресудни беа работното искуство и комуникациските способности – вели таа.
Археолошки музеј беше отворен во октомври минатата година. Станува збор за најголем музеј во Македонија во кој се наоѓаат најрепрезентативните примероци на македонското културно наследство. На 6.000 квадратни метри се изложени повеке од 6.000 артефакти. Објектот е изграден во рамки на проектот „Скопје 2014“, а само за опремување беа потрошени околу 8 милиони евра.
Маја Васева