Груевски, Заев, Ахмети и Тачи, утре ќе бараат излез од политичката криза. Еврокомесарот Јоханес Хан нема да присуствува на лидерската средба, иако процесот е под медијаторство на Европската унија.
Од ЕУ потврдуваат дека Хан нема да посредува во разговорите, но додаваат дека и понатаму е ставен на располагање.
– Комесарот нема да присуствува на средбата, но останува во контакт со соговорниците и ги остава каналите за комуникација отворени – изјави за „А1он“ портпаролката на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Маја Коцијанчиќ.
За сега позициите на двете страни остануваат непоместени со оглед на изјавата на премиерот, Никола Груевски за „Фајненшал тајм“ каде вели дека нема да се повлече од функцијата и покрај инсистирањата на опозицијата.
Опозицијата пак, останува на ставот дека нема договор без повлекување на Груевски од челната позиција во Владата.