Македонија земја во морален колапс

Од:

Медиумски сме преплавени со случувањата главно за две работи. Првата е аферата со прислушувањето, втората е бегалската криза. Но, во двата случаи медиумите не се обидуваат да ги објаснат подлабоките причини за нашето однесување во овие настани

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Во двата случаи има нешто заедничко и неминовно се наметнуваат сериозни морални прашања и дилеми. Во првиот случај прашањето е: како е можно да се дозволи да дојде до такви морални девијации кај власта? Во вториот: зошто се однесуваме кон бегалците на олку дегутантен начин?

И во двата случаи, барем по она што стигнува до нас како медиумска информација и сознание, основни се монструозните сознанија за тотално растројство и распад на системот на вредности кај политичарите посебно и за отсуство на било каков морал, етичност и хуманост кај граѓаните кога се работи за бегалците.

Од секојдневните информации во медиумите едно станува јасно-моралното срозување на нашето општество достигнало свој климакс. Власта, фатена на дело, со десетици неморални дејства (за незаконското да не говориме), ја форсира тезата дека, демек, работела во „името на народот“! Партијата на власт на крајно вулгарен начин се поистоветува со државата и продолжува да го брани тој катастрофичен став. Се дојде дотаму што дури и личноста на Мајка Тереза, личност која целиот живот и дејствување го има посветено на хуманоста, згрижувањето на најнесреќните, најсиромашните кои можат да се замислат, во моментов да се користи во пропагандистичко лукративни цели со најавата за подигање споменик кој треба да чини преку пет милиони евра! Скопјанката, која прерасна во планетарен симбол на хуманоста и сочувството со човечкото страдање, како и нејзината скромност се подведени како оправдување за неморалните искривоколчени и криминални цели на врхушката на власт.

Во вториот случај, со бегалците, остануваме затекнати од нехуманото, нецивилизирано, монструозно однесување кон сите оние кои доаѓаат во контакт со бегалците кои очајот, крајната нужда, силата и теророт ги изгониле од нивните домови и сега во грч бараат прибежиште на некое друго место. На тој пат наидуваат на истите малтретирања кои веќе ги доживеале од силниците од кои бегаат! Македонија случајно се нашла на нивниот пат. Тие немаат намера тука да останат, само поминуваат, никого не загрозуваат и на тој пат доживуваат уште една голгота. Нашите, македонски граѓани, ги ограбуваат, уценуваат, физички ги малтертираат, силуваат, како гонети ѕверки гинат по пругите и патиштата. Сите нивни нови несреќи доаѓаат од наши сограѓани, од нашата полиција, власти, трговци… Она малку од организираната грижа се одвива во крајно нехумани услови, со опасности од заразни болести и нови несреќи.

Дали македонскиот граѓанин има свест за тоа што го прави? Ангажманот, акцијата на една госпоѓа од Велес која им помага на минувачите бегалци, низ медиумите се прикажа безмалку како куриозитет, исклучок, наместо да биде пример на нормално однесување на морален човек кој се соочил со нечија несреќа.

 

НАЈРЕЛИГИОЗНИТЕ МАКЕДОНЦИ

Неодамна, во една европска анкета, Македонците беа рангирани како една од најрелигиозните нации во Европа. Огромен беше процентот на оние кои верата ја истакнуваат како своја животна и морална определба. А, таа верата, која и да е, говори и упатува пред сѐ, на хуманост помагање на ближниот, солидарност во несреќа, сочувство… Толку за религиозноста на најрелигиозните во Европа!

Обидот од пред дваесетина години на професорот Кирил Темков, кој се залагаше за воведување на задолжителен предмет по етика во нашите школи, беше игнориран, па некаде и се подбиваа.

Срозувањето на моралот во нашето општество е процес кој трае долго време во ова модерно доба. По револуцијата(!?), комунистите, во обид да создадат нов морал, согласен со нивната идеологија, ги срушија дотогаш важечките норми на однесување. Граѓанскиот морал беше проскрибиран како реакционерен, селскиот традиционален морал, со масовната преселба на руралните жители во град, се претвори во карикатура, на религиозноста се гледаше мошне лошо… Комунистите, иако имаа намера, не успеаја да го наметнат својот „социјалистички“ морал. Се сеќавам дека некаде педесеттите и шеесеттите во училиштата постоеше предмет кој се нарекуваше „Социјалистички морал“. Дури и на наставниците, кои предаваа, не им беше јасно за што се ангажирани. Стихијата си го направи своето, моралните прописи на комунизмот останаа само како сеќавање, се занемарија, дегенерираа.

Падот на комунизмот означи и паѓање на сите дотогашни какви-такви морални и етички системи, а како основачи на новите норми се јавија партиите или „новата религија“- политиката или она што под тоа се подразбира! Но, тоа мошне бргу се претвори во морална наказа.

 

НОВИТЕ МОРАЛНИ НОРМИ

Според новите норми дозволено е сѐ што може да донесе корист. Но, не општа корист, туку поединечна, само за мала група собрана околу актуелната власт. Со таквите „кодекси“ се направи нова распределба (кражба) на богатствата. Тие се прераспределија во тесните (партиски) врвови и ним блиските. Таа состојба доведе до денешнава ситуација кога партијата која тотално ја приграби власта раководи со најголемиот дел од богатствата, стекнати и поткрепени со криминални „законски“ решенија. Тоа е новиот морал во кој дегенерираат и сите етички норми. Кражбата, неморалот, искривените вредности, лагата, измамата…тоа се нивните Десет Заповеди. Грабежот на плац е морална постапка, кражба на социјални фондови исто така, провизијата за доделена работа особено… Сѐ тоа е во ред само да е во лична или партиска корист. Менување на националниот идентитет, зошто да не, ако е во согласност со налудничавите идеи на Водачот.

На ова општество, покрај решавањето на девијациите во скоро сите сегменти на социјалното живеење, му претстои и морална обнова доколку сака да се извлече од хаотичноста во разликувањето на доброто и лошото. Таа морална обнова мора да зафати широка листа на одговорни за моралното срозување, но и широк список на оние кои треба да ја извршат таа обнова.

Затоа, ако медиумите сакаат да се занимаваат со суштината, да ги објаснат феномените на моралниот пад кај нас, треба да посветат многу повеќе внимание на одговорностите за таа обнова, а не само да го бележат хаосот во кој се наоѓаме.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска