Господо политичари, кој ви го дава правото да ни ги крадете годините?

Од:

Седам сам во својата соба и затоа Ви пишувам.. Ова се стихови од Ацо Караманов кои многу често ги говорам, дали сам на себе си, дали пред публика сеедно.

Но вечерва навистина седам сам во својата соба, слушам блуз и си ги говорам овие стихови сам! А можев и нејзе да и ги кажам, на мојата Љуба, ама таа е во друга соба и имам чувство дека е некаде далеку зад Водно. Се чувствувам тажен, многу тажен и затоа слушам блуз, си говорам стихови за да можам да избегам од суровата реалност. Ама некако тешко ми оди и оддеднаш во мене се меша тагата и гневот.

Тага заради тоа што немам што да и кажам, дека се повеќе молчиме кога сме еден покрај друг. А гневен! Па гневен сум заради тоа што почнуваме да молчиме и немаме што да си кажеме, бидејки а зинеме почнуваме да зборуваме за политика, политичари, бомби, за Недојдија………..

Е тоа ме разгневува, почнувам да беснеам и се чувствувам немоќен и пред себе и пред неа. Ужас. А толку убави работи има кои не опкружуваат, толку нешта кои можат да не разнежнат, ама не, проклетието е тука и не ни дава спокој и загрижени сме за нашата иднина. Затоа сега слушајки блуз со целата тага и гнев во мене, сакам да им се обратам на политичарите кои многу често немаат ни П од политика.

Па добро бе господо политичари, кој ви го дава правото да ни го уништувате животот, кој ви дава за право да ни ги крадете годините, кој ви го дава правото да ни го загорчувате денот и ноќта? Зарем се замислувате толку моќни да си играте со нашите судбини? Целиот свој живот го посветив на моите три големи Љубови: Театарот, Жената и Микрофонот, а вие ми ги одземате сите тие Љубови. Театарот- па како да бидам во него кога на сцената дефилираат партиски војници и талентирани антиталенти.

Жената- место со неа да водам љубов, јас со неа ломотам за политика. Дури и неможеме да се видиме затоа што и таа на разни протести ука и бука-Оставка. Микрофонот- не ми се ни седнува зад него затоа што кога ќе се сретнам со него кај мене се јавува најстрашната болест АВТОЦЕНЗУРАТА. А ѓавол да го земе треба од нешто и да се живее.

Со еден збор ми одзедовте се што најмногу сум го љубел. Зошто? Затоа што вие имате потреба да доминирате со мојот, нејзиниот, со сечии живот.

Сношти се сретнав со лидерот на опозицијата, и како папагал по кој знае кој пат му реков дека во животот немам повеќе време да чекам. Ми одговори да се стрпам. Не можам драг мој Зоки, не мооожам. Прекраток е животот и прескап за да арчам денови од мојот живот. Сакам пак да и се вратам на сцената. Сакам мојата Љуба да ја држам во прегратки и да и шепотам колку ја љубам. Сакам да седнам зад микрофонот и да говорам за љубовта, за секојдневието, ама не вакво секојдневие, туку она обичното. Сакам, како некогаш да седнам со моите Деца во кафеана и солзи да ни течат од смеење.

Еееех, пусти желби……………..ај да не го тупам повеќе и со својот гнев и тага да продолжам да слушам блуз, затоа што блузот е живот, животот е блуз, па си велам ај да се залажувам малце.

П.С Простете ми заради оваа од мене необична исповест, ама морално беше инаку ќе пукнев.

 

Марин Бабиќ

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска