Народната банка на Република Македонија на денешната седница донесе три одлуки поврзани со условите и начинот за снабдување, замена и проверка на автентичноста на книжните и кованите пари.
Со овие одлуки се менува концептот за снабдување со готовина, при што покрај банките, се предвидува и можност за вклучување на други правни субјекти, односно центри за готовина како дополнителна алка во синџирот на дистрибуција и операции со готовина.
– Ваквата измена на регулативата, всушност претставува децентрализирање на досегашниот модел на снабдување со готовина, со што се овозможува и вклучување на небанкарскиот сектор во процесот на снабдување со готовина и поттикнување и создавање конкурентни услови на пазарот за обезбедување готовински услуги, се наведува во соопштението од НБРМ.
Со новата Одлука за проверка на автентичноста, условите и начинот на враќање на книжните и кованите пари во оптек, центрите за готовина добиваат рамноправен третман со банките во сите сегменти од доменот на готовинските операции.
Со одлуката за начинот и условите за замена на книжните и кованите пари што станале несоодветни за оптек, се пропишуваат критериумите за препознавање и селектирање на книжните и на кованите пари и примена на утврдената постапка за замена на парите кои се идентификувани како несоодветни за оптек.
Советот ја донесе и Програмата за истражувачка активност во периодот 2016-2018 година. Истражувањата предвидени за тригодишниот период, велат од НБРМ, треба да дадат поддршка на процесот на одлучување, да придонесат за поуспешно функционирање на Народната банка и за соочување со идните предизвици, како и да придонесат кон натамошно осовременување на работењето на Народната банка и подготовката за идното учество во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).
На денешната седница е усвоена и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Владимир’’ од серијата „Ден на Ангел’’. Оваа кована пара е со апоен од 100 денари во количина од 5.000 парчиња.