Агенцијата за млади и спорт (АМС) со стипендијата „Спортска надеж“ годинава ќе награди 500 млади и талентирани спортисти.
Оваа спортска стипендија АМС ја доделува на спортисти кои остваруваат резултати на официјални државни и меѓународни натпревари за возрасни категории до 20 години, во олимписки и параолимписки спортови, државјани на Република Македонија.
– Категоријата спортист – спортска надеж се доделува на спортисти во индивидуални и колективни спортови врз основа на остварени спортски резултати и врз основа на подготвена Ранг-листа на најуспешни млади спортисти до 20 години од соодветниот спорт, доставена од страна на националните спортски федерации. Агенцијата за млади и спорт го утврдува статусот на спортистите од категоријата – спортска надеж по претходно прибавено мислење од соодветната национална спортска федерација, се вели во соопштението од АМС.
Националните спортски федерации имаат обврска до 15-ти јули до АМС да достават Ранг-листа на најуспешни млади спортисти до 20 години, како можни кандидати за доделување на стипендијата, како и билтени за остварени резултати и настапи на репрезентациите до 20 години, со аргументи за предложените спортисти.
Правата кои произлегуваат од категоријата спортист – спортска надеж се користат една година, во која се исплаќаат десет месечни парични надоместоци, во висина од 20 отсто од просечната плата исплатена во Република Македонија во претходната година.