Активниот бегалски бран во земјите на ЕУ ги плаши не само земјите на јужна Европа, туку предизвикува загриженост и во Чешка, јави дописникот на МИА од Прага.
Чешкиот премиерот Бохуслав Соботка предупреди на можен колапс на европските социјални системи пред напливот на имигранти.
Според Соботка, за сегашната криза не се решение ниту задолжителните квоти за прифаќање на бегалци, ниту пак зголемувањето на граничните контроли во рамките на Шенген зоната. Тој смета дека е неопходно да се стабилизираат земјите од каде што луѓето бегаат во ЕУ и да се подобри безбедноста на надворешните граници на Шенген зоната.
– Европа не е во состојба да се справи со таков проток на бегалци. Доколку продолжи и во наредните месеци, тоа може да доведе до колапс на европските системи на социјална помош, изјави Соботка додавајќи дека не е можно да се отворени границите на Шенген зоната за економски мигранти.
– Ние не сакаме да создаваме внатрешни бариери. Тоа ќе има огромни негативни последици за внатрешното функционирање на Европската унија, оцени чешкиот премиер, повторувајќи дека Чешка ќе помага на доброволна основа и одбива задолжителни квоти на примање на бегалци.
– Ние не сакаме за нас во Брисел да одлучуваат кого, кога и колку луѓе ќе земеме. Ние сакаме политиката на имиграција за азил да остане одговорност на индивидуалните држави како што е тоа денес, рече Соботка.