Дојде Филе и си отиде! Ја пофали Владата… навистина, но истовремено ја затвори вратата за јавноста и ги информира нашите пратеници дека очекува резултати во сите пет области до октомври 2012 година (не до 2015 како што е предвидено во Патоказот на Владата).
За да нема дилеми – доколку Владата ги исполни утврдените барања, во октомври ќе добие нови! И тоа не значи дека Европската унија измислува нови услови, туку значи дека ние никако да го испорачаме она што треба! Ова се вика Пристапен дијалог на високо ниво со кој толку многу се гордееме. Е, па, на здравје!
Фамозниот Патоказ на Владата го донесе Филе порано во Македонија. Иако документот беше речиси готов – Филе дојде со нацрт-документ – тој никако да помине на Влада. Сите ние што очекувавме да го видиме Патоказот порано, набрзо сфативме дека Владата нема намера да го усвои, барем не онаков каков што Европската комисија очекува да биде донесен. Помина и крајот рок за негово донесување (средината на април), а од Патоказот ни абер, ни глас!
И откако Филе ја објави својата посета на Македонија за 7 мај наместо за крајот на месецот, одеднаш, на 3 мај, на веб-страницата на Секретаријатот за европски прашања се појави спорниот документ. Па зар ќе го пречекаме Филе
со празни раце?
За да нема нејаснотии, рацете му ги наполнивме на Филе, но со хартија, не и со содржина. Најголемиот дел од мерките предвидени во документот уште отсега се знае дека нема да се остварат, бидејќи за нив се потребни огромни средства. Ребалансот на буџетот, од друга страна, никаде не ги предвидува утврдените мерки. Таков е примерот со Ромската декада.
Верувале или не, во Патоказот на Владата, за Ромската декаде се предвидени околу 11 милиони евра?! Па откако постои Ромската декада толку многу пари не биле потрошени на неа?! Се разбира, ништо од тоа не е рефлектирано и во ребалансот на буџетот – освен нешто ситно за ромските медијатори. Очигледно дека Владата лаже, но прашање е дали лаже во Патоказот или лаже со ребалансот на буџетот. Како и да е, наскоро ќе откриеме во која грмушка лежи лагата!
Од гледна точка на квалитет, Патоказот е редок примерок на документ кој служи само за продавање магла. Маглата одлично се продава дома, но никако да ја извеземе во Брисел.
Така, во делот на слободата на изразувањето и професионалните стандарди на медиумите, Владата предвидува 2 мерки составени од по неколку акции. Имено, во делот на медиумите ќе се направеле измени на законодавството за клеветата, ќе се подобрела судската практика и ќе се зајакнеле професионалните стандарди преку „продолжување на дијалогот меѓу новинарите и Владата за декриминализација на клеветата, за правата од работен однос на новинарите и за утврдување на професионални стандарди за вршење на новинарската професија“.
Исто така ќе се консултирале експерти на Советот на Европа и ќе се спроведеле обуки за членот 10 од Европскиот суд за човекови права на судии откако претходно ќе се преведеле 22 такви пресуди. Чудно, но вистинито! Значи ли тоа дека досега Владата ама баш абер немала за судската практика од Стразбур? Или имала, ама воопшто не и било гајле? И како сето ова ќе ја подобри положбата на новинарите во Македонија? И тоа до октомври!
Следното за што зборува Патоказот е утврдување стандарди за професијата новинар. Страшно! Новинарите никако не смеат да си дозволат да поставуваат стандарди во својата професија со помош на Владата! Натаму, ќе се следело усогласувањето на радиодифузерите со членот 11 од Законот за радиодифузната дејност и ќе се направеле измени на законот (по којзнае кој пат) со кои ќе се допрецизирале обврските и одговорностите на Советот за радиодифузија.
Последно што ќе направела Владата за да имало потранспарентно трошење на буџетските средства на институциите, ќе ја разгледала можноста (разгледување на можност не е исто што и преземање мерки) во законските решенија да се предложела одредба со која доколку државните тела имале предвидено средства во сопствениот буџет за информирање и запознавање на јавноста со своите услуги или активности, тие да мора средствата да ги реализираат на недискриминаторен, објективен и транспарентен начин. И овде текстот станува фикција, а Патоказот влегува во жанрот новела.
Дали ќе биде нешто од ветувањата, ќе видиме. Септември, кога се затвора извештајот за напредокот на Република Македонија не е далеку. Фактот дека Европската комисија се заинтересира да направи дополнителен притисок врз Владата е добар чекор и штета ќе биде ако новинарите во Македонија не го искористат тоа за еднаш засекогаш да си го средат секторот.
Лидија Димова