Модни дизајни изработени од различен отпад: корсети од стари весници и цевки, фустани од салфетки во боја, шапки од јута, накит од стари тастатури, капачиња од лименки и копчиња и уште многу други иновативни дизајни, беа дел од петтиот Trach Fashion Macedonija 2015, што синоќа се одржа во Младинскиот културен центар.
Креациите направени со редизајнирани материјали од отпад ги изработија тимови од 45 средни училишта во Македонија.
Првото место го доби тимот од „Интернационалното средно училиште“ од Скопје, за модел преплетен од килограм стари весници, врвки од патики и крилја од пакувања на смоки, чипс и тетрапак. Второ место е креација на училиштето „Неготино“ од полошкото село Неготино, одело изработено од 7 метри хартиени вреќи и третото место е на училиштето „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка за фустан од 200 пластични шишиња и наметка од пенкала, жетони, сложувалки, линијари, боици и друг школски прибор.
Беа избрани и десет модни дизјани кои ќе учествуваат на добротворна аукција и со модните дизајни ќе обезбедат финансиски средства за своите училишта.
Trach Fashion Macedonija 2015 е во организација на „Здружението на граѓани ОХО,“ и е дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем,“ која се реализира во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за образование и наука на Република Македонија, а се оддржува по повод 5-ти јуни – Светскиот ден на животната средина.