Кредиторите бараат интензивирање на разговорите со Грција

Од:

Европските лидери и шефот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) синоќа во Берлин одржаа вонреден состанок на кој разговараа за начините како да се избегне банкрот на Грција и се согласија да се интензивираат разговорите за судбината на земјата.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, на состанокот што траел до раните утрински часови, учествуваа германската канцеларка Ангела Меркел, шефот на ММФ, Кристин Лагард, претседателот на Европската централна банка, Марио Драги, францускиот претседател Франсоа Оланд и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. Целта на средбата беше да се состави понуда која Грција може да ја разгледа во наредните денови, информираа извори запознаени со планот.

Кабинетот на Меркел по средбата издаде соопштение во кое се вели дека петте лидери „се согласиле оти работата сега мора да продолжи со голем интензитет“ и оти во последните денови тие биле во постојан контакт, а така ќе продолжи и во следните неколку дена. Се разбира, постојано се одржуваат и блиски контакти со грчката Влада, се додава во соопштението.

Напорите за излез од ќор-сокакот околу финансирањето на Грција станаа итни поради тоа што Атина во петок треба да отплати 300 милиони евра на ММФ, во услови на растечки сомнежи за нејзината способност да ги подмири сите финансиски обврски за овој месец, додека Грција тврди дека може да ја изврши исплатата, која е најмалата од четирите рати со вкупна вредност од речиси 1,6 милијарди евра за овој месец.

Временската рамка се совпаѓа со истекот на договорот за финансиска помош за Грција на крајот на јуни.

Во меѓувреме, еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московици денеска изјави дека е постигнат сериозен напредок за грчкото прашање, но додаде дека „останува да се помине уште долг пат“.

– Постигнат е сериозен напредок, но останува уште долг пат за да биде постигнат добар договор, рече Московици за едно француско радио.

Би можело да ве интересира

Грчката Сириза избра нов лидер: Сократис Фамелос на чело на поранешната владејачка партија

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија