Брисел бара објаснување од Москва за санкциите кон политичари од ЕУ

Од:

Одлуката на официјална Москва да забрани влез во Русија на 89 политичари, воени функционери и јавни личности од земјите-членки на ЕУ, предизвика лута реакција во Брисел, од каде порачуваат дека чекаат „официјално објаснување“ од руските власти.

Засега, нема службена потврда за лицата кои се наоѓаат на руската „црна листа“, а имињата кои се споменуваат во Брисел и во западните медиуми се добиени преку една „протурена“ интернет информаија во Германија.

Според ваквите сознанија, на листата се генералниот секретар на Советот на ЕУ, Уве Корсепиус, поранешниот еврокомесар за проширување Штефан Филе, екс-белгиски премиер Ги Верхофштат, како и доскорешниот британски заменик-премиер Ник Клег.

Холандскиот премиер Марк Руте ја осуди постапката на Москва, откривајќи дека на листата со санкции се наоѓаат и тројца холандски политичари. Руте рече дека листата за забрана на влез во Русија е во „спротивност со меѓународното право“.

На листата се верува дека има осумина Швеѓани, како и десетина британски политичари и државни и воени функционери, меѓу кои се и директорот на контраразузнавачката агенција МИ5, Ендрју Паркер, поранешниот директор на разузнавачката агенција МИ6, Џон Соерс, како и началникот на Генералштабот на британската Армија, генерал Николас Хаутон.

Британскиот Форин Офис во својата реакција посочува дека руските власти „немаат правна основа“ за правење на една ваква листа и порача дека Москва „се лаже ако мисли дека со оваа своја реакција ќе успее да предизвика промена во позицијата на ЕУ“ кон сакнциите за Русија.

Извори во Брисел тврдат дека забрана за влез во Русија властите во Москва вовеле и за полтичари и функционери од Полска, Чешка, балтичките земји, Данска, Финска, Шпанија, Франција, Романија и Бугарија.

Неименуван претставник на руското Министерство за надворешни работи за агенцијата ТАСС изјави дека не може да ги потврди имињата на оние кои се под санкции, но дека ваквата мерка е донесена како „одговор кон претставниците на земјите кои воведоа санкции кон Русија“.

ЕУ воведе санкции кон Русија по анексијата на полуостровот Крим во март минатата година, кои беа проширени по избувнувањето на воените судири во Источна Украина, за кои Западот ја обвинува Москва.

Би можело да ве интересира

ЕУ увезува руска нафта преку турските пристаништа

ЕУ донесе нов правилник за Шенген и гранична контрола

Горан Наумовски

Дејвид Гир од Тетово: Сакаме да работиме со сите кои го унапредуваат патот на земјата кон ЕУ

ЕУ: Русија да ги заборави замрзнатите средства и по укинувањето на санкциите

Седум лица загинаа, а осум се повредени во пожар во московскиот регион

ФСБ уапси две лица кои подготвувале терористички напад во Русија

Горан Наумовски