Министерот за одбрана Зоран Јолевски упати честитка до припадниците на Армијата на Република Македонија и до сите граѓани на Република Македонија по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј.
– Денешниот ден го празнуваме во чест на светите браќа Кирил и Методиј, кои нам, на македонскиот народ и на многу други народи ни го дадоа најсветото – сопствената писменост. Делото на основачите на Глаголицата претставува паметник за напорите на народите на овие простори за живеење според базичните човекови права и слободи, меѓу кои и правото на свој јазик, своја азбука и правото на образование, се наведува во честитката.
Армијата на Република Македонија преку учеството на македонските мировници во мисиите предводени од НАТО-алијансата, Европската Унија и Обединетите Нации, се вели во честитката, дава свој несебичен придонес токму кон воспоставувањето и почитувањето на човековите слободи и права, како и почитувањето на демократските вредности и принципи на глобално ниво, се вели во честитката.
– Почитувани припадници на Армијата, почитувани граѓани, нека ни е честит овој голем ден за Република Македонија! Наша должност е, споменувајќи ги сесловенските просветители, да продолжиме на патот на духовното и културното издигнување, но и да продолжиме, преку учеството во меѓународните мировни мисии, да даваме свој придонес кон општественото и културното издигнување и на другите народи, истакнува министерот Јолевски во честитката.