Во Индонезија деновиве повторно се актуелизираше прашањето за укинување на тестот за невиност, кој е еден од условите припадничките на женската популација да станат дел на армијата на оваа 256 милионска држава.
Праксата со „тест со два прста“ да се проверува невиноста на кандидатките за армиски состав е воведена пред 45 години, а тврдокорниот армиски врв не обрнува внимание ни на предупредувањето на Светската здравствена организација, која побара да се елиминира оваа „нехумана пракса која го нарушува човечкото достоинство“.
Вчера, во поголем број медиуми во Џакарта беше објавено барањето на новоформираната Група за борба против тортурата со кое повторно се бара укинување на тестот за невиност.
Меѓутоа, веднаш се огласи и врховниот командант на Армијата на Индонезија, генералот Мурдоко, кој изјави дека тестот бил „добра работа“ и дека нема причини да биде укинат.
Службата во индонезиската армија е една од подобро платените професии во ова држава, а војниците и офицерите имаат многу привелегии. Армискиот кадар што со навршени 45 години нема поголем чин од полковник задолжително се пензионира, а пенионираните добиваат повластени лиценци за организирање приватен бизнис.
Денешен „Џакарта пост’’, пишувајќи за тестот за невиноста, објавува дека во некои приватни училишта во Индонезија невиноста била услов за запишување на девојките во средно училиште.