Индонезија најави дека ќе ослободи 90 политички затвореници, најголем дел припадници на движењето за самостојност на најисточната провинција на архипелагот, Папуа, локално позната како Иријан Џаја. Подготвеноста за ослободување на политичките затвореници, осудени на казни од 10 до 25 години затвор, денеска ја соопшти министерот координатор за правда и безбедност Теѓо Пурдијанто, кој рече дека владата ќе бара и поддршка од Парламентот за остварување на овој план.
Ослободувањето на политичките затвореници од Папуа минатата недела го најави претседателот на Индонезија Јоко Видодо. Тој за време на престојот лично им ги врачи неговите решенија за амнестија на петмина политички затвореници, уапсени во 2.003 година. Тие беа дел од раководството на Фронтот за ослободување на Папуа и беа осудени на казни од 20 години, до доживоен затвор.
Видодо при посетата на Папуа ја објави и одлуката со која се дозволува новинарите, вклучувајќи ги и странските дописници од Џакарта да можат да престојуваат во Папуа. Од анектирањето на Папуа, во 1.969 година на странците, особено на новинарите им беше забрането да ја посетуваат провинцијата која зазема половина од најголемиот остров во овој дел на Пацификот, Нова Гвинеја. Дури и локалните новинари на Папуа можеле да заминат само со специјална дозвола, која во пракса ретко се издаваше.
Папуа има огромни резерви на бакар и злато. Дел од локалното население сеуште живее во племенски заедници, со примитивна организација на животот. За некои племиња се претпоставува дека се човекојадци, па затоа при досегашните посети на странски дипломати и други официјални личности на оваа провинција за нив беше обезбедувана силна воено-полициска придружба.