Официјален Белград очекува од Европската комисија во стратегијата за проширување на Европската унија да ја преформулира реченицата за почитување на „територијаниот интегритет на Косово“.
Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, порача дека Европската Унија нема алтернатива за Србија, но и дека од Брисел очекува искреност.
„Србија во желбата да добие датум за почеток на преговорите се нафати да ги решава актуелните проблеми, меѓу кои е и борбата со криминалот и корупцијата , како и прифаќање на се што е досега потпишано, со продолжување на техничкиот дијалог за да покаже дека има волја проблемот да се реши“.
Николиќ истовремено очекува од ЕУ да покаже искреност да ја прими Србија во своите редови како член на Унијата.
„Европската Унија позитивно се одредува кон независноста на Косово низ прецизирање на формулациите во Стратегијата за проширување. Терминот „интегритетот на Косово“ не е прифатлив за Србија која очекува дека ЕУ ќе биде непристрасен медијатор во дијалогот на Белград и Приштина . Измената на таа формулација претставува мал чекор кој ќе и даде дополнителна сила на Србија да ги реши постоечките проблеми“, рече Николиќ.
Тој заклучи дека ЕУ треба да биде посветена на меѓународното право и повелбата на ОН.
„За ЕУ не би требало да е прифатливо одвојувањето на дел од Србија, еден од основачите на ОН, спротивно на меѓународните договори и обичаи“, изјави Николиќ.
Предлогот на Србија е од документите да се исфрли зборот „интегритет“ бидејќи според сите правни толкувања зборот го гарантира суверенитетот на Косово, а наместо тој збор да се употреби „почитување на територијата Косово“. Во тој случај, Србија би можела да ја почитува целовитоста на Косово и тоа би значело дека не прифаќа поделба на територијата.