Според зачестеноста во јавноста и во медиумите, покрај „бомбите“ и „криза“, најчесто споменуваниот збор е „оставка“. Особено откако тоа го споменаа и тукашните амбасадори како услов за почнување на решавањето на кризата. За оставките се зборува, но нив ги нема
Пишува: Александар Шољаковски
Се мислеше дека „бомбите“ (така Заев најавуваше и се надеваше), уште веднаш ќе имплодираат во оставки и дека, секако, највиновниот за состојбите, премиерот Груевски, првиот ќе си поднесе оставка, засрамен од своето однесување, заради манипулирање со јавноста и со вистината, заради експлицитно изречениот криминал.
И по три месеци од почетокот на објавувањето на снимените разговори, кои се крајно компромитирачки за луѓето од власта, никој досега не дава ни назнака за чувство за одговорност, уште помалку за можност за оставка. По секоја „бомба“ се штанцаат истите глупави соопштенија кои ништо не демантираат, ништо не значат.
Сите медиуми говорат за оставки, дури и провладините од свој аспект, се разбира, како кавга со оние кои се дрзнале да бараат оставки, и во кавга дури и со амбасадорите кои оставките ги посочуваат како неопходен почеток за решавање на кризата.
Лесно беше да се претпостави дека оваа власт нема да ја решава кризата со колку-толку чесно повлекување и оставање простор за разврска. Оваа власт е таква, таа не признава грешки, насилна е по својата природа, без свест за сопствената и за други објективности. И кога греши, таа сака да биде во право. Дури и со сила. За колку закони најобјективно беше предупредено дека ќе бидат штетни, но и покрај тоа тие се донесоа. Колку проекти се покажуваат за промашени, но власта не отстапува од нивна реализација. Оваа власт се формираше како збирштина на една група млади безобразни, недоволно едуцирани, но решителни во својата намера да владеат апсолутно и по секоја цена. Кога фактите одат против нив, тие се обидуваат да ги сменат. Кога ќе направат штета, секогаш некој друг е виновен (Бранко, Грците, временските услови, опозицијата, граѓанските иницијативи…). Тие самите –никогаш! Така е во сите домени од економијата, образованието, надворешната политика, аграрот, културата, урбанизмот…
Постои едно инфантилно одбивање секаква одговорност, бегање од реалноста. Тие се како малите деца – кога тие ќе ги затворат очите, мислат дека и никој друг не ги гледа.
КУЛТУРА НА ОДГОВОРНОСТ
Културата на одговорност не успева на овие простори. Или не се негува, па не знаеме за приносите. Но, одговорноста во политиката и без тоа е голема. Носителот на јавната фукнкција е одговорен за она што требало да го направи, а не го направил, во согласност со задачите на одредена јавна функција и со должностите што ги презел со пристапувањето кон јавната функција. Одговорен е и ако некој друг во неговиот домен на одговорност направил нешто што е во спротивност со доброто извршување на задачите, а тој не го спречил тоа. И, на крајот, функционерот кој врши јавна функција, носи одговорност и за несакани настани во неговиот сектор, од природни непогоди до случаен сплет на околности. Сѐ се тоа одговорности, еден вид договори за нив кои носителот на јавна функција премолчено ги „потпишува“ со стапувањето на функцијата или положувањето заклетва.
Веројатно затоа и славата во политиката е голема, но и паѓањето тешко. А, тоа е дел од демократската игра и од чувството за одговорност кое се подразбира.
Македонската демократија нема речиси никакво искуство во поднесувањето оставки од морално или друго реално чувство на одговорност. Се памети онаа оставка на Антони Пешев во раните деведесетти, по паѓањето на два авиони. Тоа е единствената чиста, нефингирана и искрена оставка во македонската политичка историја. Сите подоцнежни ќе бидат или изнудени или мотивирани од инает или, пак, фингирани. Највисоко место во фингираните ќе заземе онаа оставка на Фрчковски по атентатот врз Глигоров (која Црвенковски, очекувано, не ја прифати).
ОДНОС КОН ЈАВНОСТА
Она што требаше да биде оставката – доблест, достоинство, морално чувство, грижа на совест – кај нас никогаш не се случи. Наместо политичко несогласување, револт, обвинување, признавање на грешката (своја или туѓа), кај нас оставките се најчесто крајно изнудени (за да спасат некој друг политички грешник), бегство од полоша варијанта, спас од гонење. Во случајов на актуелната политичка криза, оставките се веќе стигнати до тој степен кога заминувањето од функција ќе значи и криминално гонење. Токму затоа, отпорот кон доброволните оставки станува од ден на ден сѐ позначаен. Се спасува главата, велат, зашто веќе нема бегање. Но, тоа е ситуација која самите луѓе од власта ја креираа.
Тоа е и дел од атмосферата која политиката ја создаде, пред сѐ, како однос кон јавноста и јавната функција. Политичарите кај нас, по правило, го губат чувството за одговорност. Тие, евентуално, се сметаат за одговорни единствено пред својот партиски шеф. Сѐ друго: парламент, медиуми, јавно мислење, јавност воопшто, изборна база, се сосема небитни, маргинализирани и доведени до категорија на безначајност. Оттаму и односот кон граѓанските иницијативи и собирања во принцип се непријателски („соросоидни“).
Според искуствата во реалниот демократски свет, оставките се сметаат за најелегантната форма да се предвидат и избегнат можни компликации од евентуалните натамошни заплеткувања и нови факти. Во тие милјеа, се смета дека е џентлеменски да се признае грешката веднаш и така, евентуално, да се подзаборави. Не е редок случајот на јавни личности кои поднеле оставки и со време се вратиле во политиката.
Ваков случај кај нас нема да има. Едноставно, поради погоре изнесеното, поради сфаќањето на политиката на мошне рудиментарен начин, поради регрутацијата на политичарите од еден мошне базичен слој, чија девиза никогаш не било „да служам на народот, државата“.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).