Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ja поздрави одлуката за доделување на Нобеловата награда за мир на Европската унија.
Оваа награда претставува потсетник на основната идеја поставена во темелот на создавањето на ЕУ – обединување на народите во заедничките напори за слобода, солидарност и просперитет. Европскиот мир е несоборлив императив и пример и за другите региони во светот. Како што многу пати досега сум нагласил, Европа не може да биде целосна и успешно да ја спроведува својата агенда, доколку не биде и географски комплетно обединета, стои во дописот на претседателот што го испрати неговиот Кабинет.
Процесот на проширување и вклучувањето на Западен Балкан во Унијата, посочува претседателот Иванов, е ултимативниот чекор кој ќе ја зацврсти рамката на европскиот мир.
Во овие моменти, финансиската криза не смее да биде алиби да запреме на патот на прогресот, да го напуштиме патот кој го зацртаа градителите на Европа. Во моменти на криза, нам ни е потребно да имаме повеќе, а не помалку Европа. Сметам дека кризата треба дополнително да ги мотивира и државите членки и државите аспиранти, да вложат максимални напори за сочувување на интегритетот и унапредување на благосостојбата на граѓаните на европскиот континент, се наведува во дописот на претседателот Иванов што го испрати неговиот Кабинет.