ЦИВИЛ бара објаснувања од врхушката на власт!

Од:

„ЦИВИЛ – Центар за слобода изразува длабоко жалење за загубените човечки животи и искрено сочувствува со семејствата на загинатите во кумановската криза. Им посакуваме побрзо закрепнување на ранетите.

Министерството за внатрешни работи, претседателот на државата и лидерите на водечките партии на власт ѝ должат објаснувања на македонската и светската јавност. Подолго време ги повикуваме премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ, главниот коалиционен партнер, Али Ахмети, да излезат со заедничка изјава и да ѝ објаснат на јавноста што точно се случува“, велат од ЦИВИЛ.

„Претседателот беше на парада во Москва додека Куманово гореше и се тресеше од детонации и рафали. МВР дозволи да дојде до експлозија на гласини. Немаше ни трошка политичка и професионална доблест да ги изнесе сите факти за случувањата на теренот и да одговори на прашањата кои се однесуваат токму на политичката и професионалната одговорност на министерката Гордана Јанкулоска и нејзините најблиски соработници за сѐ што се случува.

Останува отворено прашањето дали има и цивилни жртви, за што МВР сѐ уште молчи. Министерката Јанкуловска ја немаше навремено да одговори дали има загинати цивили, а за загинати полицајци излезе со информација 18 часа по почетокот на кризата.

Советот за безбедност што го свика претседателот открива нови контроверзи, наместо да ги разјасни. Претседателот Иванов, во својата изјава по одржувањето на седницата на Советот за безбедност, отворено призна дека знаел за движењето на вооружената група веќе пет месеци. Притоа, го покани опозицискиот лидер Зоран Заев на седницата, иако тој е обвинет за пуч и предавство, а коалициониот партнер Ахмети и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, испратија свои претставници, со што практично покажаа дека го бојкотираат претседателот на државата.

По враќањето од Москва, претседателот Иванов, во својата изјава, скандалозно, речиси експлицитно ја обвини целокупната меѓународна заедница, ЕУ, НАТО и други, дека се одговорни за оваа трагедија. Ги повикуваме сите учесници на седницата на Советот за безбедност да одговорат дали ги поддржуваат обвинувањата на Иванов.

Бараме од МВР да ги соопшти сите факти од теренот.

Бараме од коалиционите партнери Груевски и Ахмети да излезат на заедничка прес конференција на која ќе одговорат на сите прашања од јавноста“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.

Би можело да ве интересира

Девојче било истепано на свадбена веселба во Куманово

Изгоре куќа во Куманово, нема повредени

Сообраќајка во Куманово, тешко е повреден пешак

Потребни ригорозни санкции за оние кои ги напуштаат милениците и исфрлаат легла апелираат ветеринарите

Куманово: Две пријави за напад на ученици и еден за наставник во два одвоени случаи

Градежна инспекторка од Куманово побарала поткуп од 4.000 евра