Како најава за утрешниот Виз Ер Скопски Маратон, денес во Скопје се одржа детската трка на 600 метри, која беше со почеток од бул. Асном кај Мајчин Дом па се’ до СЦ ,,Јане Сандански”, каде што најмладите добија можност да си ги одмерат силите и низ весела дружба да се учат на спортски дух, натпреварување и адреналин.
Ако најмалите се предвесници на она што ќе се случува утре, тогаш Виз Ер Скопски Маратон најавува издание на кое ќе се соборат нови рекорди, ќе се добијат нови победници во сите категории, ќе се одмерат силите на патеката која значи спорт, натпревар, акција, адреналин и многу неизвесни моменти за паметење. Прво место во машка категорија на детската трка освои Благоја Дановски, второ Костантин Василевски и трето место Сретан Каланоски. Во женска категорија прво место освои Ивана Јосифовска, второ Теона Станковска, а трето Јана Трајковска.
Подготовките се завршени, се’ е подготвено за претстојниот Виз Ер Скопски Маратон, кој ќе се одржи утре, 10-ти мај. Сите услови за овој маратон да биде од највисок ранг и оценет со 5 ѕвезди на европско ниво се исполнети.
Над 7000 учесници, од 50 земји ширум светот ќе го земат своето учество на оваа надалеку позната манифестација од светски размери, на највисоко ниво.
Овој маратон е под покровителство на Град Скопје, Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт, како и главниот спонзор, Виз Ер.
Натпреварувачите ќе трчаат, публиката ќе ги бодри, тогаш Скопје во недела на 10-ти мај ќе биде градот кој што ќе напише историска спортска страна со нови маратонски победи и резултати.
Маратонот започнува утре, во 8 часот и 45 минути, а збирно место за сите натпреварувачи е пред Собранието на Република Македонија. Сите претставници од седмата сила, новинари и фоторепортери ќе можат своите акредитации да ги подигнат од 8 часот наутро во Ла Тераца, позади Порта Македонија, каде што ќе биде Прес Центарот на Виз Ер Скопски Маратон.
Стартните бројчиња за маратонот можат да се подигнат уште денес на Виз Ер Скопје Маратон Експо, Скопски Саем, хала 4.