Рејчел Апа, 24-годишна Американка и поранешна универзитетска спортистка, почина откако колабираше за време на Њујоршкиот маратон во неделата, 1 ноември.
Апа учествуваше на својот прв маратон, а ѝ се слоши во Централ Парк, на само 3,2 километри пред целта. И покрај обидите за реанимација и повеќечасовната борба на лекарите, таа почина во болница.
Апа била поранешна играчка на хокеј на трева на Универзитетот „Бакнел“ во САД. Со месеци се подготвувала за маратонот, а настапот му го посветила на својот покоен дедо, кој боледувал од Паркинсонова болест.
Таа трчала за да собере средства за истражување и лекување на оваа болест.
Според нејзиниот татко, Стив Апа, Рејчел почнала да чувствува болки за време на трката. Нејзината мајка, Мишел, ја следела по патеката и ја снимила како се смешка додека се приближувала до 14-тата милја, односно 22,5-тиот километар. Тогаш немало никакви знаци за трагедија.
Нејзиниот татко го следел нејзиниот напредок преку апликација за следење на натпреварувачите.
На 18-тата милја, или на околу 29-тиот километар, таа му испратила порака: „Ау“. Километар и половина подоцна, стигнала уште една: „Ау, ау“.
Стив продолжил да ја охрабрува, советувајќи ја да не го зголемува темпото. Кога се приближила до последните километри, ѝ напишал:
„Целта. Важно е да стигнеш до крајот, не брзај“. Сепак, набргу потоа, Рејчел колабирала на патеката. Нејзиното движење запрело околу 24-тата милја, на нешто повеќе од три километри до целта.
Рејчел колабираше околу 13:30 часот по локално време. Михаела Николас, социјален работник во болницата која го следеше маратонот како гледач, беше меѓу првите што ѝ пријдоа.
Откако беше утврдено дека Рејчел нема пулс, двајца лекари, кои исто така беа меѓу публиката, започнаа со постапка за реанимација.
Набргу пристигна медицинскиот тим на маратонот и употреби дефибрилатор. Потоа, Рејчел со возило на брза помош беше пренесена во болницата „Маунт Синај“. Нејзината мајка, која планирала да се сретне со неа на целта, забележала дека локацијата на нејзината ќерка повеќе не се менува. Таа се упатила кон местото на настанот и пристигнала токму кога лекарите ја пренесувале Рејчел кон болницата. И покрај сите напори на лекарите, во 21:40 часот беше констатирана смрт – повеќе од осум часа откако Рејчел колабирала.
Стив Апа изјави за „Њујорк тајмс“ дека неговата ќерка починала од рабдомиолиза – сериозна состојба која се карактеризира со брзо разградување на мускулното ткиво. При овој процес, во крвотокот се ослободуваат супстанции што можат да ги оштетат бубрезите и да предизвикаат други компликации опасни по живот.
Рабдомиолизата може да настане како последица на исклучително интензивен физички напор, но и поради други причини. Официјалната причина за смртта на Рејчел Апа сè уште не е потврдена. Канцеларијата на судскиот лекар во Њујорк соопшти дека е во тек истрага.
„Ова е незамисливо. Таа беше целосно здрава, во одлична физичка форма, имаше само 24 години“, изјави нејзиниот татко.
