Културно уметничкото друштво (КУД) „Ристо Донев-Учителот“ од Штип организира хуманитарен концерт за штипјанецот Игор Стојанов на кого му се потребни пари за пресадување матични клетки во Кина, со цел повторно да застане на нозе.
Претседателот на КУД „Ристо Донев-Учителот“, Благој Донев вели дека хуманитарниот концерт е закажан на 12. мај во вторник, со почеток во 20 часот, а влезниците се 50 денари и можат да се купат и непосредно пред концертот на билетарата во Домот на култура „Ацо Шопов“-Штип.
– Ги повикувам граѓаните да дојдат на овој хуманитарен концерт, барем малку да помогнеме на Иван Стојанов, за да дојде до одредени средства, бидејќи како што сум информиран недостасуваат уште 10.000 евра и мислам дека како град како што е Штип не е некоја сума. Знам дека има отворено и телефонски броеви и мислам дека можеме да направиме едно хумано дело да му помогнеме и да отпатува во Кина, за да застане на свои нозе, вели Донев.
Тој истакна дека на хуманитарниот концерт ќе настапат сите членови, односно играорци од КУД „Ристо Донев-Учителот“, а концертот се организира во соработка со НВО „Цивитас“.
Досега ова уметничко друштво од Штип, има учествувано и во два хуманитарни конерти во српскиот град Врање кога беа поплавите, а пред месец и половина во Демир Капија. Донев вели дека пред четири дена го освоиле и второ место на познатиот меѓународен фестивал во радовишкото село Ињево.