Обвинувањата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се апсурдни и тој се изживува со една група на луѓе вклучувајќи ме и мене, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска во Владата додека надвор граѓаните протестираа и го пробија ѕидот од полицајци за да влезат во дворот на Владата извикувајќи „Убијци! Убијци!“
И покрај очекувањата министерката не поднесе оставка туку рече дека Заев денес го достигнал врвот на монструозноста.
– Заев покажа дека за да оствари политички профит е буквално спремен на монструозни конструкции, мрачни сценарија и најгруби манипулации. Повеќе од три месеци Заев најбрутално се изживува со една група на луѓе вклучувајќи ме и мене. Не престанува да не претставува на начин каков што може да замисли само еден болен ум. На такво нешто нема човек што може да остане рамнодушен – рече Јанкулоска.
Според неа, Заев и СДСМ се соочени со силата на доказите и немањето на поддршка од граѓаните, па поради тоа продолжуваат преку објавување на незаконски стекнати, креирани и монтирани материјали да го свртат вниманието на јавноста поради емоциите кои ги побудува овој случај.
Јанкуловска, напротив, вели дека Министерството направило се во негова можност за да се открие сторителот на убиството врз Нешковки.
-Прво, во првичните моменти, со оглед на тоа што не постоеше никаква формална пријава МВР немаше никаква информација дека се случило убиство. Второ, веднаш откако ја добивме информацијата, дури и по неформален пат, мобилизирани се сите сили, вложени се максималните напори и превземени се сите активности за да се открие извршителот на убиството. Трето, истрагата што ја водевме, го откри вистинскиот сторител на убиството. Четврто, во ниту еден момент ниту МВР, ниту било кој друг политичар или функционер не само што не го скрива убиството, туку сите сили, сите ние се трудевме сторителот да биде изведен пред лицето на правдата – рече Јанкулоска.