Јавното обвинителство не може да спроведе независна истрага за обвинувањата кои му се товарат на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, ниту, пак, судството може да донесе независна пресуда, смета поранешниот јавен обвинител и поранешен претседател на Антикорупциска комисија, Јован Трпеновски.
Откако Јавното обвинителство поднесе обвинение против Заев, Верушевски и четворица други осомничени, за наводен „пуч“, Трпеновски вели дека е потребна политичка разрешница на кризата која ја тресе земјата, пред било кој предмет правно да се разгледува.
Според него, бадијала се и апелите на меѓународната заедница кои повикуваат на независна истрага за случајот против Заев, како и за прислушуваните разговори во кои се вмешани првите луѓе на Владата.
– Мора да се оди на дијалог и политички да се најде решение, а тоа може да се постигне единствено со повлекување на сегашната влада и формирање на експертска. Без тоа, ниту политичка ниту правна разрешница не е можна. При ваква состојба во која што се наоѓаат правните органи во оваа земја, каква и да има правна разрешница нема да биде објективна. Тешко може да се прифати дека истите ќе бидат објективни тргајќи од состојбите во кои се наоѓаат, односно очигледното влијание на извршната власт. Субјективизам има во Јавното обвинителство, а веројатно и истото ќе преовлада во судот – вели Трпеновски.
Како што вели тој, нема ниту конкретни докази за Јавното обвинителство да покрене обвинение против Заев. Тој повторува дека Кривичниот законик не предвидува казна за „пуч“ во обид, а освен тоа, вели, Заев не сторил нешто поинаку од она што треба да го прави лидер на опозицијата.
– Не сум сигурен дека има материјални докази за квалификациите за кои се обвинети. Сомнителни се квалификациите за кривичните дела, нарочно за Заев. Медиумите известуваа за наводно свршено кривично дело, ние немаме свршено, туку обид. Според Кривичниот законик за оваа квалификација не може обид, законот не дозволува обид. Од она што го знам тешко е да се обезбедат докази против Заев за кривичното дело -насилство спрема претставници на највисоките државни органи, кое му се става на товар. Како лидер на опозицијата, тој политички има право да бара оставки, тоа е улога на опозицијата, а за насилство мора да има конкретни докази. Во што се состои тоа насилство, што тој презел? – прашува поранешниот јавен обвинител.
Маја Васева