Граѓанската иницијатива „АМАН“ поднесе барање до пратениците во Собранието на Р.Македонија за одржување надзорна расправа во Собраниската комисија за економски прашања, каде членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) би ја објасниле методологијата по која ги определуваат цените на струјата, парното, горивата. За таа да се одржи потребни се само 15 пратеника кои ќе го подржат барањето. Ќе напишам неколку причини зашто е од големо значење да се одржи надзорната расправа.
На почеток би почнал со тоа дека е важно граѓаните да ја знаат методологијата по која се утврдуваат цените на струјата, парното, горивата. Да дознаеме зошто струјата од 2006-та година до денес е поскапена за 75%, да дознаеме зошто плаќаме толку скап бензин. Кога цената на нафтата на светската берза е во тренд на зголемуваење и кај нас се зголемува цената на бензините, кога цената на нафтата на светската берза паѓа, имаме чувство дека цената на бензините кај нас не го следи истиот тренд. Сега стручњаците не би требало да ни земат за зло зошто се водиме според чувствата, па не сме сите стручњаци, затоа и бараме да ни ги објаснат методите! Би сакале да дознаеме зошто е толкава разликата во цената на парното од 2008-ма година и денес.
Членовите на РКЕ имаат и обврска да внимаваат и на стандардот на народот кога ги одобруваат поскапувањата кои од нив ги бараат ЕЛЕМ, МЕПСО, ЕВН, Топлификација. А колку од граѓаните знаат кои се членовите на РКЕ? Кој е претседателот на РКЕ? Ете уште една корист од надзорната расправа, да видиме кои се луѓето во РКЕ кои ги одобрија поскапувањата на струјата, парното, горивата.
Овде сакам да напоменам дека зголемена цена на струјата небара само приватната ЕВН, и дека од поскапувањата на струјата нетреба да ги “амнестираме“ државните МЕПСО и ЕЛЕМ, кои секако имаат големо влијание во поскапувањето на цената на струјата, но не поголемо од РКЕ која ги одобри нивните барања за поскапа струја. Па да ги прашаме членовите на РКЕ, на кој тоа му пораснала платата за 75 % од 2006-та година, па они одобриле толкаво поскапување на цената на струјата од 2006-та година до денес? Да не случајно ни пораснал стандардот на живеење толку колку што РКЕ одобрила поскапа цена на парното од 2008-ма година до денес?
И така „АМАН“ бара од пратениците во Собранието надзорна расправа, овие од Собранието си молчат како да се они членови на РКЕ, а овие од РКЕ нигде ги нема иако досега пред нивната канцаларија имаше 8 протести. И се така до кога како гром од ведро небо, од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Р.Македонија излегоа со прес-конференција во која изразуваат јавен сомнеж во регуларноста на дури 13 од последните 15 прописи на РКЕ кои биле објавени во Службен весник. Велат дека 2 од 13-те спорни правилника се донесени врз основа на НЕПОСТОЕЧКИ членови од законот за енергетика. Останатите 11 правилника се донесени или на погрешно утврдени одредби од законот или на погрешно прецизирани одредби од законот за енергетика. После ова настана молк и во поголем дел од медиумите, па добро луѓе, знате што значи ова? Новинари земавте некоја изјава од членовите на РКЕ? Ги прашавте пратениците во Собрание зошто не ја подржуваат надзорната расправа? Па замислете да ова се има случено во Франција, Германија, САД, мислите дека сето ова би поминало како што поминува во Р.Македонија? Баш би сакал да ги видам тие пратеници кои и после овој сомнеж од Хелсиншкиот комитет нема да го подржат барањето за надзорна расправа!
Имали од тие 123 пратеници во Собранието, барем 15 кои би го подржале барањето на „АМАН“ ? Само 15 пратеници кои ќе застанат во заштита на интересот на народот. Интерес на народот е да ја види таа надзорната расправа.
Џелал Хоџиќ