Владата на Австралија одлучи да го повлече својот амбасадор од Џакарта, во знак на протест, откако индонезиските власти не ги прифатија австралиските барања за одлагање на извршувањето на смртната казна и ги стрелаа двајцата Австралијци, заедно со шестмина други, сите осудени за шверц на дрога.
Егзекуцијата на осумтемина осудени на смрт беше извршена во рана зора, по индонезиско време, во затворот Беси на островот Нусакамбанган.
Деветата осудена на смрт, една жена од Филипините не беше стрелана, затоа што индонезиските власти во последен момент одлучија да ја одложат нејзината егзекуција.
Австралиските власти долго време настојуваа да ги спасат своите осудени државјани, Ендрју Чан и Мијуран Сукамарин, барајќи од властите на Индонезија да се одложи извршувањето на казната, додека не заврши целосната истрага за корупција во полицијата за нивниот случај.
Премиерот на Австралија, Тони Абот, во специјалната изјава за домашната јавност изрази длабоко жалење поради решението на индонезиските власти да се стрелаат Австралијците.
– Нивната егзекуција е сурова и непотребна, рече Абот.
Тој истакна дека официјална Канбера има целосен респект кон сувереноста на Индонезија, но дека овој случај не може да се подведе како вообичаена работа на затворските власти. Премиерот Абот го оправда решението за повлекување на австралискиот амбасадор од Џакарта, но изрази надеж дека нема да се чека долго за обнова на односите меѓу двете земји.
Ендрју Чан и Мијуран Сукамарин беа уапсени во 2005 година од индонезиските власти во Бали, при обидот да прошверцуваат од Индонезија во Австралија 8,2 килограми хероин. Заедно со нив беа уапсени уште седумина други Австралијанци. Истрагата подоцна утврди дека тие двајцата се водачи на шверцерска група, па беа осудени на смрт, додека другите добија казни од 20 години, доживотен затвор.
Амнести Интернешенел остро ја осуди егзекуцијата на осумтемина осудени на смрт, државјани на неколку странски земји и од Индонезија.
Оваа азиска земја има еден од најстрогите закони во светот кога станува збор за шверцот на дрога. Во 2013 година, беше укинат четиригодишниот мораториум на извршување на смртните казни.