Професорот Душко Стојановски од гимназијата „Орце Николов“, упати писмо до министерот за образование и наука. Писмото ви го пренесуваме во целост.
Господине министер, РАЗБУДЕТЕ СЕ!!
Слушнете го повикот што Ви го упатуваат учениците, слушнете го живиот жубор на нивните бистри мисли. Ќе Ве освежат, ќе Ве оживеат. Нивниот протест не е хир на разгалено детенце кое сред продавнице плаче за некупеното чоколадо. Нивниот протест е реакција, зрела реакција на несоодветните, необмислените “реформи”, што систематски го уништуваат образованието. Слушнете ги, не им ги продлабочувајте лузните што им ги зададовте во изминативе три недели. Тие се` уште се надеваат дека и за нив има иднина во сопствената земја, дека и тие се сериозно сфатени и третирани, дека имаат со кого да разговараат.
Имајте доблест, признајте ја грешката ( се сеќавате :”кој признава половина му се простува”?). Заборавете ја суетата и ставете крај на инаетот. Покажете дека знаете да си ја вршите работата. Дека знаете каков и чиј министер сте. Дека знаете кому му служите. Вие сте јавен службеник. Вие сте тука заради учениците, а не тие заради вас. Вашиот тим сосем ја искривува работата. Ве замајуваат со некаков постигнат договор со некаква унија на средношколци. Каква иронија. Каков невешт потег. Па тие не се свесни дека го даваат најголемиот аргумент против себе, вадејќи пред нас токму такви заведени испартизирани млади луѓе, кои ги претвораат во безобѕирни “марширачи преку трупови”. Вашиот тим влече потези што го уништуваат образованието. Малку од незнаење, ама што е многу полошо и со смислена намера, не доведувате во Орвеловата “1984”. Со ваквите потези Бирото за развој на образованието, станува инструмент за негово уништување. Државниот просветен инспекторат се претвора во агентура за гонење на секоја слободна мисла, училишните директори и професорите стануваат записничари, пополнувачи на клиширани, бесмислени и нефункционални формулари, па дури и “загрижени” чувари на училишните згради и инвентарот, а целото образование води кон создавање послушници кои ниту ќе знаат, ниту ќе можат да мислат. Послушнци, а не луѓе. Креатури за кои ќе важи максимата “слободата е ропство”. Но Орвел тоа го истакнуваше како опомена. Вашиот тим сосема погрешно ги сфатил неговите пораки. (Ги измамил Филип)
Против тоа се бунтуваат овие млади личности. Тие сакаат здраво, темелно и добро осмислено образование во кое и низ кое ќе се оформуваат во здрави и зрели личности. Тие сакаат здраво општество, во кое ќе се живее и напредува според способностите и човечките вредности. Во кое ќе се почитува достоинството, во кое личната среќа нема да се гради за сметка на туѓата несреќа. Во овие три недели низ болки и страдања, тие созреваа господине министер. Страдаат и се плашат. Се плашат за својата иднина, се плашат но и се борат со своите стравови. Чекорам покрај нив. Живеам со нив. Ги гледам како се распаѓаат и се креваат пред налетите на стравот за својата иднина. За НАШАТА ИДНИНА. Ги гледам како одеднаш се креваат над тој страв. Како низ меѓусебната комуникација одново се издигаат во грандиозни личности со огромна енергија и нова креативна, создавачка сила. Како се храбрат меѓусебно и смислуваат нови начини да Ви го привлечат вниманието. Вашето и на Вашите поданички, полтронски и платенички медиуми. Да Ве поттикнат на разговор. Слушнете ги. Не ги жртвувајте. Вистинска жртва е кога себеси се жртвуваш за благородна цел. Кога други жртвуваш, тоа насилство, бесскрупулозна тиранија, нечовечност од најдолен вид. Прифатете разговор со нив и ќе се уверите какво богатство носат во себе, ќе се уверите дека тие се надежта, тие се нашата иднина. Не ја одземајте од нив, не ја одземајте од нас!! Направете само еден мал чекор, почнете разговор. Повикајте ги, тие веднаш ќе дојдат. Разбудете се господине министер и почнете да ја работите работата за која одговарате пред даночните обврзници. Бидете навистина МИНИСТЕР ЗА ОБРАЗОВАНИЕ!!
Професор Душко „Орце Николов”.