Командантот на армијата на Индонезија, генерал Мулдоко, денеска во Џакарта сопшти дека во содејство со специјалната полиција, армиските сили извршиле серија успешни напади за уништување на камповите во кои се обучувале милитанти за учество во борбите на групата Исламска држава во Ирак и Сирија, но и за прогласување „исламски калифати“ во Југоисточна Азија.
Индонезиската армија делувала против камповите на радикалните исламисти на островот Сулавеси. Акцијата, што започнала на 1 април, била спроведена по дефинитивните сознанија на разузнавачките служби за локациите и составот на групите што таму одржувале воена подготовка и идеолошка индоктринација.
Нагласувајќи дека Индонезија нема да дозволи формирање на некаква „Исламска Држава“, генералот Мулдоко потврди дека ова е прва операција на војската против исламските терористи. За последен пат армијата учествувала во слична акција при потрагата на групата бомбаши кои во 2012 година се обидоа да извршат напади на повеќе хотели во главниот град Џакарта.
Аналитичарите потсетуваат дека Индонезија, држава со најбројно муслиманско население во светот, нема донесено посебни антитерористички закони, иако најмалку 650 нејзини жители се регистрирани како борци на ИД во Ирак и Сирија.
За аналитичарите е симптоматично тоа што генералот Мулдоко говорејќи за намерите на милитантите да прогласат калифати во регионот, не ги спомна Ирак и Сирија во именувањето на намерите на радикалите, туку рече дека Индонезија нема да дозволи формирање на „Исламска Држава“’.