Рецензија 18.04.2015
Вести на МРТ во 19:30, уредник Стојан Трпчевски
Резиме:
Уредничкиот тим на информативната програма на Македонската радиотелевизија пропушти уште една можност да направи професионални и балансирани вести и да го почитува уставно гарантираното право на граѓаните да бидат информирани. Дневникот на МРТ и според изборот на информациите и според редоследот и минутажата личеше на пропаганден памфлет на владејачката ВМРО ДПМНЕ со некритично промотивни прилози за работата на носителите на власта и крајно неизбалансирани содржини. Во изборот на информациите, отсуствуваа важни информации од општествено-политичкиот живот што не најдоа место во Дневникот меѓу кои и оставка на заменик министерот за одбрана.
Рецензија:
Дневникот траеше околу 28 минути и во форшпанот се фокусираше на 4 прилози:
Порака на Груевски кон Заев со тонско парче;
Странските инвестиции и структурните реформи во Македонија довеле до одржлив економски раст според ММФ и Светска банка;
Осуетен терористички напад во Австралија;
Велигденски ручек во Св. Јован Бигорски во организација на правата дама Маја Иванова
Содржина:
– Првата информација во Дневникот беше посветена на собирот на ВМРО ДПМНЕ во Прилеп и прилогот траеше 2:50 мин. со две тонски парчиња од премиерот Груевски во траење по околу 40 секунди. Новинарот посочи дека Зев наводно се заканувал со радикализирање на состојбата, па пушти тонски парче од Груевски каде му праќал порака дека тоа што му “молчат на Заев и му дозволуваат да им се качува на глава” немало да дозволат и да ја дестабилизирал државата. Во прилогот нема аргумент како Заев би ја дестабилизирал ситуацијата.
– Натаму следуваше прилог од 1:10 мин. за објавувањето на бомбата на СДСМ во Штип, но без да се спомене ниту еден дел од она што го емитуваше партијата како телефонски разговори туку само едно тонско парче во кое се најавува темата на прес конференцијата.
– Потоа следуваше реакција на ВМРО-ДПМНЕ за пресот на СДСМ со читање соопштение во времетраење од 45 секунди.
– Следниот прилог беше на тема за мерките што ги објавил од Прилеп премиерот Груевски за поволности за работниците и мајките по раѓање на второто дете. Прилогот беше во должина од околу 2 мин со две тонски парчиња од премиерот во времетраење од по 40 секунди.
– Наредна содржина во вестите беа пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, прилог со селективно презентирани информации и сокривање на битни детали од јавноста. Прво она што недостасуваше е информација дали министерот за финансии и гувернерот на Народната банка заминале за Вашингтон каде традиционално присуствуваат на секоја од пролетните средби освен лани кога поради изборната кампања министерот за финансии не замина. Освен недостигот од оваа информација, новинарката имаше соговорник кој кажа дека инвестициите во инфраструктурата и намалувањето на цената на нафтата на светски берзи ќе доведе до одржлив раст од 3,8% годинава и натаму рече дека има и ризици и овде изјавата беше прекината и јавноста не ги дозна ризиците кои можеби се поврзани со лоши политики на пример. Натаму во прилогот повторно се зборуваше за поволности, главно што доаѓаат од падот на еврото и ниската цена на нафтата, односно екстерни фактори. Така што овој прилог може да се оцени како манипулативен.
– Потоа следуваше најава дека од центарскиот огранок на СДСМ се пожалиле на притисоци пред претстојниот рефенрендум за ГТЦ со куса изјава од десетина секунди од Саша Богдановиќ, по што следуваше повторно реакција на ВМРО-ДПМНЕ со читање соопштение во времетраење од 30 сек, трипати подолго од емитуваната изјава. Оваа содржина нецелосно ги претстави информациите затоа што изјавата на Богдановиќ според прилозите на таа тема во другите медиуми можеше да се види дека е поврзана со случај на киднапирање на советник на ВМРО во Центар Јордан Ристовски, случај пријавен и во МВР. Во изјавата, Богдановиќ практично прво негира каква било поврзаност на СДСМ со инцидентот и потоа известува за притисоци. Инцидентот каде е киднапиран и по кусо време ослободен советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Центар не најде место во Дневникот на МРТ.
– Потоа следуваше куса информација – вест за протестот на генерал Стојанче Ангелов пред МРТ, протест што уредникот го претстави како притисок.
– Натаму во Дневникот следуваа содржини за културата, прилог посветен на велигденскиот ручек и посетата на македонските манастири на сопругите на странските амбасадори што го организираше првата дама Маја Иванова и вториот прилог посветен на денови на културното наследство, дека тоа треба да се чува. Овде можеше да се направи осврт за негрижата за културното наследство на пример, со кражбите на највредните артефакти во музејот на Македонија што резултираше со судски пресуди, но тоа не беше споменато.
– Следуваа вестите од светот со следните содржини: дистрибуција на летоци со терористички закани во Белгија, напад без жртви во Анкара, смртоносна болест во Нигерија и осуетен терористички напад во Австралија.
– Потоа повторно Дневникот продолжи на домашни теми, натпревар на програмери на факултетот “Свети Апостол Павле” во Охрид, отворање на Скопски филмски фестивал со филмот на Иво Трајков “Медена ноќ” и последниот прилог посветен на повторното протекување на Деребашка река по 35 години сушност. Сите прилози во вестите беа со поголема минутажа од пресот на СДСМ.
Она што можеа граѓаните да го видат на другите медиуми, а не и на МРТ беше:
– Содржината на 22 бомба на СДСМ од Штип кои сведочат за упад на ВМРО-ДПМНЕ во автономијата на штипскиот универзитет и за изборни манипулации.
– Оставка на заменик министерот за одбрана што не беше вест за централниот Дневник на МРТ. Оставката на Арбен Лабеништа беше објаснета со несогласување со ДУИ, а имаше и партиска реакција, но ништо од ова не беше презентирано во вестите на МРТ.
– Инцидентот поврзан со киднапирањето на советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, Јордан Ристовски.
– Независниот синдикат на МВР побара оставка од Јанкуловска
– Граѓаните кои секоја сабота протестираат пред Регулаторната комоција за енергетика најавија групна тужба против компанијата за дистрибуција на топлинска енергија Балкан Енерџи Груп