Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува секој облик на насилство на фудбалските терени и ќе продолжи да се бори против хулиганизмот со сите средства кои ги има на располагање, е ставот на федерацијата искажан преку официјалната веб страна.
ФФМ се чувствува повикана да реагира со соопштение по повод инцидентите по завршувањето на реванш натпреварот од полуфиналето во младинскиот Куп на Македонија меѓу екипите на ФК „Шкупи 1927“ и ФК „Вардар“.
– Како одговорно фудбалско тело во државата никогаш нема да се согласиме со говорот на омраза, нетрпеливоста, вулгарните навреди и секој облик на насилство без било каква основа на сметка на поединци или структура на било кој фудбалски клуб, стои во соопштението.
Комисијата за младински фудбал свика вонредна седница на која ќе се решава за суспензија на теренот на ФК „Шкупи 1927“ и клубот ќе се предаде на дисциплинска комисија поради слаба организација на натпреварот. По комплетирање на документацијата и добиените изјави од службените лица на натпреварот (контролор /делегат, судиска тројка, претставници на двата клуба и дел од фудбалерите), Дисциплинската комисија на ФФМ ќе покрене постапка против сите учесници во инцидентот.
– Како и досега, повикуваме на разум, трезвеност и коректност во процесот на решавање на проблемите. Фудбалската федерација на Македонија преку своите тела и органи е единственото легитимно место каде што може да се креираат и водат службените политики и чиј одлуки можат да предизвикаат соодветни промени, истакнува ФФМ.