Наставничка од Чаир заболена од туберкулоза, тестирани 60 деца

Од:

Наставничка во ОУ „Васил Главинов” во скопски Чаир е заболена од туберкулоза. Повеќе од две недели е хоспитализирана на институтот за белодробни заболувања.

Од оваа здравствена установа за Здравство 24 велат дека пациентката е во стабилна состојба, добива соодветна терапија и лекувањето оди добро.

Случајот го вклучи алармот во училиштето. Во поликлиниката „Бит Пазар” досега биле тестирани околу 60 деца од 8 и 9-то одделение кои имале контакт со наставничката, но и 10-тина нејзините колеги. Никој не е заразен. Негативни биле тестовите и на членовите на семејството на заболената. Во вторник превентивно ќе бидат прегледани и други ученици.

– Ова е редовна процедура превентивно да се тестираат лица со кои контактирал заболен од туберкулоза. Кај нас досега се тестирани 60 ученици и 10 наставници, како и блиски роднини на заболената. Сите се негативни. Во наредниот периот ќе продолжиме со превентивните прегледи и ќе ја следиме состојбата во училиштето, изјави за zdravstvo24.mk д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје.

Директорот на училиштето изјави дека нема простор за паника. Наставничката не заразила никого. Како превентивна мерка денеска екипи од Центарот за јавно здравје во сите простории во „Васил Главинов” направиле вонредна дезинфекција.

– Најдена е замена за наставничката по англиски јазик. Преземени се сите мерки. Направена е дезинфекција и нема простор за паника, нема заболени деца во училиштето – изјави Ќамуран Кучи, директор на ОУ „Васил Главинов”.

Туберкyлозата е заразна болест. Се пренесува преку близок или долготраен контакт со инфицирани лица или предмети. Бактериите може да се пренесат и со кивање,кашлање или зборување. Периодот на инкубација трае од 4-6 недели.

Ова заболување последните години во земјата има тренд на намалување. Лани имало 285 заболени, 38 помалку од 2013 година.

Извор: Мета

Би можело да ве интересира

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада