Претседателот на СДСМ, Зоран Заев очекува обвинителството да го прекине процесот што се води против него за наводен пуч против институциите на државата, и да отпоче кривична истрага против премиерот, Никола Груевски и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, за кршење на уставот и на законите. Заев ова обвинение го внел во записникот на сопствениот исказ кој денеска го даде во јавното обвинителство и според него, двајцата функционери треба да се теретат за злоупотреба на нивната службена положба со што и нанеле огромни штети на државата.
Давањето на неговиот исказ траеше шест часа и со тоа завршува фазата на давање изјави на осомничените во оваа постапка откако претходно свои искази дадоа првоосомничениот, Зоран Верушевски и премиерот, Никола Груевски.
– На записник поднесовме кривична пријава против Сашо Мијалков и Никола Груевски, за кршење на уставот и законите во Република Македонија злоупотребувајќи ја својата позиција како премиер и директот на УБК при што нанеле огромни штети на Република Македонија и нејзините граѓани. Со тоа очекуваме дека обвинителството, ценејќи ги сите докази, ценејќи ги и доказите кои му се приложени од сите учесници во постапката, ќе го прекине процесот што се води против Зоран Заев и Зоран Верушевски и другите двајца осомничени и очекуваме да отпочне процес за кривична истрага против Никола Груевски и Сашо Мијалков и други осомничени лица – изјави Заев по распитот во јавното обвинителство.
Заев потсети дека веќе осудениот во процесот „Пуч“ е осуден за кривично дело шпионажа, но при тоа никаде не се споменува странската земја ниту странската служба со кои соработувал.
– Петто и шесто осомничениот се лица кои не ги познавам. Составен дел од изјавата на Верушевски е дека се прислушуло од страна на МВР и од страна на државната тајна полиција. Тоа го покажуваат доказите и го потврдуваат изјавите. Можам само да кажам дека луѓето кои ги доставија овие податоци до мене се патриоти пред кои можам секогаш да се поклонам и да им симнувам капа – рече тој.
На прашањето дали очекува во најкраток можен рок да започне судската разврска на случајот „Пуч“, Заев одговори дека со ВМРО-ДПМНЕ и Груевски е се можно.
Одлуката, рече тој, по однос на новото обвинение против Груевски и Мијалков е на обвинителот, но спомена дека претпоставени на обвинителот му се Јово Илиевски, кој рече, е баџанак на Сашо Мијалков, и Марко Зврлевски.
Својата одбрана против обвинението за државен удар, Заев рече дека ја темели на вистината за Македонија.
– Нашата одбрана е вистината за Македонија која со целиот овој процес е очигледна и јасна. По увидот во доказите и по исказите се е кристално јасно, се надевам поради тоа обвинителство ќе ја прекине постапката и ќе ја отфрли кривичната пријава за процесот „Пуч“ и веднаш ќе започне истрага за кривично дело кршење на уставот и законите од страна на првите луѓе на Владата – посочи опозицискиот лидер.
Маја Васева