Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница ја прекина соработката со досегашниот селектор на македонската репрезентација Бошко Ѓуровски.
Тој како предводник на најдобрата македонска репрезентација на единаесет натпревари оствари само две победи (Летонија и Луксембург), шест порази (Шпанија, Словачка, Украина, Белорусија, Камерун, Кина) и три нерешени резултати (Катар, Кина и Австралија) .
– Одлуката за прекин на соработката е донесена поради очекувањата на ФФМ и притисокот на фудбалската јавност за подобри резултати во тековните квалификации за Европското првенство и подобар рејтинг на нашата А репрезентација. Сите ние како фудбалски работници знаеме дека резултатите се единственото мерило за успех и токму поради тоа безрезервно и максимално дававме поддршка и создававме услови за непречена работа на најдобрата селекција. Развојот и подобрувањето на рејтингот на македонскиот фудбал е наша грижа и токму затоа мора да бидеме одговорни кога е во прашање успехот на репрезентацијата, стои во соопштението од УО на ФФМ.
За предвремената разделба со досегашниот селектор ФФМ, согласно меѓусебниот договор, ќе мора да му исплати три плати на Бошко Ѓуровски или вкупно 21 илјада евра.