Претседателот на СДСМ, Зоран Заев за „А1ON“ вели дека за да се спаси себе врвот на ВМРО-ДПМНЕ ги турка граѓаните во кривични дела со тоа што бара од нив да се потпишат на иницијативата за велепредавство. На овој начин, вели тој, граѓаните прават кривично дело – лажно пријавување.
Тој вели дека го почитува правото на политичко дејствување, но додава дека за да се заштити себе ќе ја разгледа можноста во иднина да поднесе кривични пријави против потписниците на иницијативата.
– Неколку поединци се обидуваат да ја заштитат својата кожа така што ќе турнат огромен број на граѓаните во кривично дело. До пред некое време бараа поддршка од нив со нивно присуство, а сега и формално-правно ги туркаат граѓаните преку ставање на нивен потпис. На овој начин ги прават свои соученици и уште повеќе придонесуваат за поделбите во македонското општество. Чесно е кога веќе ги тераат да стават свој потпис барем да им соопштат која е таа станска служба или земја поради која ме обвинуваат за велепредавство – изјави Заев за „А1ON.“
Тој посочува дека мора да се заштити некако од овие обвинувања и да го заштити дигнитетот на опозицијата. Власта, вели тој, ги има на располагање сите инструменти и механизми кои се во сопственост на државата, додека опозицијата ги има само своите аргументи и своите права.
– Морам да се бранам некако, не се работи за закана туку за заштита на моите права како личност. Секако дека ќе се ставам во одбрана на себе си и на опозиоцијата. Согласно тоа, кога веќе власта не се осудува да поднесе кривична пријава за велепредавство, а сепак мотивирала поединци да соберат потписи за велепредавство, треба тие поединци да знаат дека го имам правото кое ќе го искористам во иднина. Ставањето на нивниот потпис претставува доказ во идни постапки кои ќе ги отворам за себезаштита. Секој потпис на оваа пријава за велепредавство исто така е доказ во право формална постапка за лажно пријавување кое е кривично дело – вели Заев.
Во случајот со обелоденувањето на прислушуваните разговори, со кои се открива можен криминал во највисоките структури на власта, Заев претставува “дошепнувач“,или “свиркач“ кој треба да биде заштитен од надлежните институции, а неговите информации да бидат сериозно испитани од Јавното обвинителство и од Антикорупциска комисија. Но државните институции ги игнорираат тврдењата на опозицијата и не отворија истражни постапки за ниту еден од досега објавените скандали. Поради тоа аналитичарите сметаат дека иницијативата за велепредавство е громобран на власта од обвинувањата.
Маја Васева