Иницијативата за велепредавство на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, е будалаштина, глупост, без никаква правна легитимност и претставува само обид на обвинетите владини функционери да си ја спасат кожата, вели професорот од Правен факултет и претседател на Хелсиншки комитет- Македонија, Гордан Калајџиев.
Според него ова е уште еден обид да се дефокусира јавноста од сериозните обвинувања кон премиерот, министрите и неговите наjблиски соработници. Освен тоа, вели Калајџиев, иницијативата се користи како трик во предизборната кампања во која очигледно влезе владејачката партија.
– Ова е обид да се спасат од сериозните обвинувања за кои треба да одговараат. Од почеток го гонат Заев преку пропагандата на извршната власт и ВМРО-ДПМНЕ ги темели своите позиции на тоа. На овој начин се вадат од обвинувањата за криминал и корупција. Иницијативата е уште еден контранпад со кој Заев ознанува нешто што е штетно. Ако е нешто штетно во случајов тоа се криминалот и корупцијата. Ги привикнуваат луѓето дека тоа е нормално и дека треба да се штитиме од помалото зло за да не ја загубиме Македонија, демек ако падне од власт ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ја снема Македонија – вели професорот.
Тој смета дека владината гарнитура треба да си поднесе оставка и со тоа да им се овозможи на државните органи да ја утврдат вистината за бројните обвинувања.
– Обвинувањата на Заев се сериозни и се чинат многу вериодостојни докази. Од толку силни и веродостојни докази не видовме никаква истрага. Ги имаат окупирано државните органи и прават се за да си ја спасат кожата. Ниту државата ниту земјата, ниту пак правдата им е важна – додава Калајџиев.
Маја Васева