Мојата изјава дека ќе падне крв ако го уапсат Зоран Заев, курирчињата ја засилуваат и спинуваат а некои наши пријатели ја разбрале погрешно па ме убедуваат дека не треба да се приближуваме кон СДСМ, дека токму ние сме третата опција, на изборите да настапиме самостојно, со нашите идеи.
Како прво! Мојот став за апсењето на Зоран Заев е принципиелен. На човек кој патем е лидер на најголемата опозициска партија, на човек кој претставува најголема опасност за Режимот, на човек кој има сериозни обвинување какви што има Заев, не смее да му биде судено од суд во кој судија е пријателка на Сашо Мијалков. Пријателка која станала судија поради нејзините квалификации кои немаат врска со правото. Пријателка која вели дека ќе му биде должна до крајот на животот. Да не зборуваме за останатите судии. Слушнавме повеќе од доволно! Повеќе од доволно, за било кое судење, во било кој наш суд, да го сметаме за праведно и кредибилно.
Како второ! На мојата изјава гледајте како на самозаштита. Доколку Зоран Заев биде уапсен Режимот ќе здиве. Ќе здиве со сета сила. Истиот момент кога ќе го нема Заев ќе започне ловот на вештерки. Јас верувам дека ќе бидам втор. Ако во меѓувреме не станам прв! Потоа ќе следи касапење! Касапење, ништење и сотирање на сѐ што претставува опасност за нив. Апсења, закани, насилство, тепање, инспекции, бркање од работа… Секој еден граѓанин кој поактивно се вклучил во нашата граѓанска иницијатива за ослободување од стегите на Режимот ќе биде изложен на ризик. На голем ризик.
За мене, не се плашам. Како што реков во повеќе наврати, јас умрев во Арачиново, во 2001-та. Секој ден живот, оттогаш наваму ми е гратис. А 14 години гратис, мора да се признае, не е малку. Од друга страна, ако умрам сега, ќе живем вечно. Барем во меморијата на мојот народ.
Но, сепак се плашам. Се плашам за луѓето кои во меѓувреме станаа мои политички соборци, пријатели и другари. Се плашам за луѓето кои се внимателно снимени од службите на Режимот. Се плашам за секој еден човек кој дошол на нашите протести. Со некои од нив се знаев од порано, некои од нив ми беа и многу блиски, но повеќето од нив воопшто не ги знаев. Дури, за некои од нив првпат слушнав. Не знаев дека воопшто постојат иако биле вистински македонски ѕвезди! Прекрасни луѓе. Чесни луѓе. Луѓе кои немаат, ниту пак некогаш имале врска со било каква политичка партија. Луѓе кои на нашата борба се приклучија со мотиви, чисти како солза, борејки се единствено за ослободување на Државата од канџите на Режимот. За да ги заштитам овие чесни и храбри луѓе подготвен сум да направам сѐ!
Како трето, изборите сеуште сѐ далеку и воопшто не размислувам за нив. Во овој момент единствено е важен падот. Падот на Режимот! Потоа да сѐ создаде нормална демократска атмосфера. Без омраза, без лудило, без страв. Луѓето да се вратат во нормала. На изборите да гледаат како на политичка борба на спротивставени идеи а не како на борба за опстанок и живот. Дури тогаш ќе излеземе со нашите политички ставови. И нашите идеи. И, најверојатно ќе настапиме самостојно. Како трета, национална и граѓанска, политичка опција. Колку тоа и да звучи нелогично во овој момент.
Генерал Стојанче Ангелов