Математиката нема да биде задолжителен предмет во државната матура за сите матуранти, туку само за тие кои на почеток на трета година одбрале природно-математичко подрачје, соопшти Министерството за образование и наука (МОН), кое денеска имаше средба со Унијата на средношколци, само еден ден откако оваа унија ја достави Средношколската платформа.
После низа протестни маршеви на Средношколскиот пленум, и пред најавата за нови, кои треба да се одржат утре, Министерството не најде за потребно да ги повика на разговор Пленумци, иако тоа беше најавено. Наспроти тоа, министерството ја повика Средношколската унија, која досега нема ниту изречено критика и не организирала протест.
„На средбата, иницирана со доставување на Средношколска платформа на Унијата на средношколци на Македонија, двете страни ги презентираа ставовите по однос на Концепцијата за матура и завршен испит за учебната 2014/2015 година, наменета за осмата генерација на матуранти.
По подолга дебата, се постигна согласност предметот математика да не биде задолжителен за сите ученици во средните училишта, туку само за учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно почеток на третата година од средното образование, го одбрале природно – математичкото подрачје. За гимназијалците коишто го одбрале општествено – хуманистичкото подрачје, како и за сите ученици од средните стручни училишта, математиката ќе биде предмет со можност за избор, покрај странскиот јазик, односно ќе се полага само доколку ученикот го одбере, согласно личната волја, убедување и афинитети. За гимназијалците коишто го одбрале јазично – уметничкото подрачје, задолжителни предмети ќе бидат мајчиниот и странскиот јазик“, соопшти Министерството. На средбата се постигнала и согласност, според која Министерството за образование и наука во следниот период ќе достави писмо до сите факултети од областа на техничките науки, со кое ќе им препорача приоритетност во уписните политики, односно селекцијата, да имаат кандидатите коишто на државна матура го одбрале и го положиле предметот математика.
Дополнително, од факултетите во областа на техничките науки, ќе биде побарано да ја разгледаат и можноста за стипендирање на кандидатите коишто во текот на средното образование оствариле високи постигања поврзани со математичките знаења.