Водечката угандска обвинителка во судскиот процес против 13 мажи, обвинети за учество во нападите во Кампала во 2010 година, во кои беа убиени 76 лица, беше застрелана синоќа во предградие на угандскиот главен град, Кампала.
Џоан Кагези, која раководеше со Одделот за борба против тероризмот и криминалот против човештвото во обвинителството беше застрелана на враќање од работа од маж со мотор. Таа веројатно била следена додека возела кон домот, изјави портпаролот на полицијата во Кампала.
Џоан Кагези беше водечки обвинител за делото против 13-те мажи, обвинети дека ги организирале двата напади во Кампала, за кои одговорноста ја презеде сомалиската исламистичка група Ал Шабаб.
Полицијата ја истражува можноста дека нејзиното убиство е поврзано со нејзината работа како обвинител.