Од денеска младите до 27-годишна возраст секој трет викенд во месецот ќе можат бесплатно да патуваат со воз. Проектот го реализира Агенцијата за млади и спорт во соработка со Македонски железници – Транспорт.
– Сакаме дополнително да го промовираме и да го актуализираме проектот со којшто се овозможува на сите млади лица до 27 години во Република Македонија секој трет календарски викенд во месецот бесплатно да го користат железничкиот сообраќај. Денеска на мое големо задоволство со огромен број на млади лица ќе одиме во Велес да испиеме кафе, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Маријан Спасески.
Тој упати порака до сите млади луѓе во Македонија да го користат бесплатниот викенд во железничкиот сообраќај без разлика дали ќе одат на кафе во Битола на Широк сокак, дали ќе посетат кошаркарски натпревар во Гевгелија или, пак, ќе го посетат новиот театар во Велес.
Според директорот на Македонски железници – Транспорт, Никола Костов, интересот на младите за користење на железничкиот транспорт е огромен.
– Оваа кампања ќе ја продолжиме и понатаму во текот на цела година, а ќе се однесува и за една школска, младинска и детска кампања. Вториот дел од кампањата ќе биде онаа спортска и културна кампања се до оној момент додека ги добиеме новите патнички возови, рече Костов.
Младите кои денеска отидоа на кафе во Велес изразија задоволство од оваа мерка.
Агенцијата за млади и спорт досега го реализира проектот „Слободен четврток“ со кој студентите секој четврток бесплатно го користеа јавниот превоз, жичницата на Водно и сите културни институции. Во соработка со Министерството за култура се обезбеди 50 проценти попуст за младите во сите културни установи, а со Македонски железници 50 отсто попуст за ученици и студенти за користење на железничкиот транспорт.